Утрински Весник
Економија

НБРМ: Банкарскиот сектор е стабилен, пропаѓањето на СВБ нема директни ефекти

Народната банка почна со редовно објавување податоци за зеленото финансирање

Пропаѓањето на американската Банка на Силициумската Долина (СВБ) нема никакви директни последици за нашиот банкарски систем имајќи ја предвид малата изложеност кон нерезидентите, но и традиционалниот деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање. Билансите на нашите банки се исклучително солидни, високо капитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио. Сепак, заради претпазливост во работењето, Народната банка внимателно ги следи сите случувања, велат од оваа институција.

dobivaj vesti na viber

„Според процените на релевантните меѓународни институции, а пред сѐ регулаторите во САД, последните случувања во американскиот банкарски систем не би требало да имаат ефекти врз финансиската стабилност во САД, а оттаму не се очекуваат ниту позначителни преносни ефекти врз глобалната финансиска стабилност. Според американските регулатори, ова се должи на фактот што банкарскиот систем на САД е високо капитализиран, отпорен и работи на цврста основа, што во голема мера е резултат на реформите по глобалната финансиска криза, кои обезбедија подобри заштитни механизми за банкарскиот сектор. Во прилог на ова одат и брзата реакција и мерките на американските власти, со што се минимизираат евентуалните системски ризици.

Во овој контекст, последните случувања во банкарскиот систем во САД нема да имаат директни ефекти врз нашиот банкарски систем имајќи предвид дека нашите банки имаат многу мала изложеност кон странство, вклучително и кон американската економија и американските банки, односно само 6,6 % од вкупните обврските на банкарскиот систем се кон странство, а само 5 % од побарувањата се од странство. Понатаму, билансите на нашите банки се исклучително солидни, со високо ниво на капитал (највисоко ниво во последната деценија), соодветна ликвидност и одличен квалитет на кредитното портфолио“, е нагласено во соопштението од НБРМ.

Особено важно во овој случај, како што велат, е тоа што нашиот банкарски систем има традиционален деловен модел, заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање. Ова, додаваат од таму, многу се разликува од деловниот модел на американската банка, кој е една од клучните причини за нејзиното пропаѓање, а се заснова врз висока концентрација и на депозитната база, но и на вложувањата во хартии од вредност (хартиите од вредност учествувале со 60 % во вкупната актива на Банката на Силициумската Долина).

„Нашиот банкарски систем има диверзифицирана и стабилна структура на финансирање, во која депозитите учествуваат со 84 % во вкупните обврски, а притоа две третини од депозитите се на населението. Овие средства главно се пласираат во кредити на нефинансиските лица, кои учествуваат со 60 % во вкупните средства на банките и кои имаат висок квалитет. Од друга страна, учеството на вложувањата на банките во хартии од вредност, кои се издадени од нерезиденти, е минимално и на ниво на банкарскиот систем е под 1 %“, е потенцирано во информацијата од НБРМ.

Можете да прочитате

Митрески: Повисоки пензии, енергетски пакети и зимски регрес, пензионерите заслужуваат подобар стандард

Неделен извештај за измерени средно-дневни вредности на емисии од главните емисиони точки во Цементарница УСЈЕ

Ангеловска-Бежоска за ВОА: Доколку не се остварат ризиците, олабавување на монетарната политика ќе има во втората половина од годинава