Утрински Весник
Спорт

Надал го потврди настапот во Барселона: Сакам да си дадам шанса

Nadal Barcelona 2024 Practice.jpg

Рафаел Надал е подготвен да се врати на тенисот – освојувачот на 22 Грен слем титули ќе игра на турнирот во Барселона, прв по неговиот настап во Бризбејн на почетокот на јануари.

Шпанецот, кој имаше многу проблеми со повредите, со нетрпение го очекува враќањето на терените.

-Среќен сум што сум тука, имам многу убави спомени од овој турнир. Доаѓањето овде беше решено во последен момент. Неделата беше позитивна на тренинг и утре ќе бидам на терен. Последниот тренинг помина добро, чувството е позитивно – изјави Надал кој утре на стартот за ривал ќе го има Италијанецот Флавио Коболи.

Надал 12 пати го креваше пехарот во Барселона.

-Секој турнир што го играв овде е важен за мене. Имаше многу со убави спомени. Така е во животот, се има почеток и крај, така е и во спортот. Не знам што ќе се случи, но моето чувство е дека ова е мојот последен турнир овде. Ќе дадам се од себе, сакам да си дадам шанса – изјави Надал.

Надал не може ништо да вети во остатокот од сезоната.

-Се уште не знам ништо. Одиме еден по еден ден. Имаше многу лоши денови физички и психички и тоа остави свој белег. Во деновите кога се е добро, се уште уживам во играњето тенис. Се чувствував добро како тренирам со моите пријатели овде, тие добри моменти ги компензираат лошите и затоа имам надеж дека ќе продолжам да играм. Знам дека моите тешкотии се големи, но такви се, тоа е дел од животот на еден спортист.

Сепак, Рафа ги охрабри навивачите.

-Чувството е подобро од она што го имав во Мајорка, чувствувам дека можам да се натпреварувам. Малку постигнав овие месеци, но ќе се обидам да се справам со товарот попатно. Тоа е она што човекот мора да го живее со таа неизвесност, да може да гледа на се позитивно и да се натпреварува, да биде на тениски турнир – заклучи Надал.

Можете да прочитате

Очекувана победа за Ѓоковиќ на стартот од Ролан Гарос

Белингем прогласен за играч на сезоната во Ла-лигата

Анчелоти најави заминување во пензија од редовите на Реал Мадрид