
Интегрален текст од соопштение за јавност на Левица:
Повеќе од 2600 примерока од Правописот на македонскиот јазик (второ издание, 2017 година) седум години се чувале во несоодветни услови во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје. Левица бара одговорност за неодговорните.
Скандалот го обелодени актуелниот директор на НУБ – Скопје, така што Секторот за култура при Левица бара одговорност од сите претходни директори на Установата, кои несовесно работеле и ја затаиле некомплетната реализација на проектот:
– Сенка Наумовска (2017-2018),
– Фримзим Даути (2018-2021),
– Јелисавета Костадинова (2021-2022) и
– Раметула Куќи (2022-2024).
Бидејќи публикувањето на второто издание на Правописот и неговата понатамошна дистрибуција се дел од проект од национален интерес, финансиран од Министерството за култура, бараме одговорност и од министрите за култура, чиј проект останал да гние, а за кој била одобрена милионска сума.
Оттука, се поставуваат прашањата:
Кој од Министерството за култура вршел евалуација и мониторинг на проектот? Колку Министерството се базира само на наративни извештаи без да излезе на терен и да направи увид во наменското трошење на милионските суми доделени по основ на проекти? Дали ова е потврда плус дека дел од извештаите за реализираните проекти во различните области се фиктивни?
Инаку, наспроти несоодветно истретираните над 2600 примерока, според моменталната евиденција во cobiss базата, македонските библиотеки располагаат со само 11 (единаесет!) примерока на ниво на Македонија и тоа: по 2 (два) примерока се чуваат во библиотеките во Виница, Тетово и Куманово (тоа се вкупно 6), еден примерок што не е за зајмување има во Библиотеката во Пехчево, еден примерок што не е за зајмување има на Филолошкиот факултет во Скопје и 3 примерока се чуваат во НУБ „Св. Климент Охридски” – Скопје.
Поради крајно несоодветниот третман кон Правописот како публикација од национален интерес, а со тоа и поради крајно неодговорното и несовесно работење на директорите, на ресорните раководители и на ресорното министерство, Левица бара итно постапување од страна на инспекциските служби на Министерството за култура и одговорност за сите несовесни чинители!