Утрински Весник
Македонија

ЛДП: Правдата е индивидуална, ниту еден народ не е злосторнички – да престане релативизација на воените злосторства

Ldp logo.png

Соопштение на ЛДП:

По повод последните реакции и изјави на високи државни и политички функционери во врска со најновите пресудите за воени злосторства на просторот на поранешна Југославија, Либерално-демократската партија (ЛДП) потсетува на еден од најважните темели на современото право: кривичната одговорност е исклучиво поединечна. Секој обид судските одлуки да се претстават како напад врз цел еден народ претставува директно бегање од личната одговорност на поединците и опасен манипулативен популизам.


Не постои колективна одговорност и ниту една пресуда на кој било меѓународен или домашен суд не може и не смее да му се препише на цел народ, заедница или етничка група. Принципот на лична одговорност е свет и важи еднакво насекаде. Ниту српскиот народ е геноциден поради злосторствата извршени од Караџиќ, Младиќ и Милошевиќ, ниту албанскиот народ е осуден во своите историски аспирации со пресудите за Хашим Тачи и поранешните челници на ОВК, ниту пак хрватскиот народ беше злосторнички во процесите што ги водеше меѓународната правда за воениот генерал Готовина од судирите во поранешна Југославија.

Повторуваме дека е опасно за правната држава кога високи носители на власта ги оспоруваат судските пресуди — независно дали станува збор за функционери кои го величаа осуденикот Младиќ, или за функционери кои ја релативизираат пресудата за осудениците во Косово. Носителите на државни функции мора да покажат дека намерата им е да изградат правичен и функционален систем по европски терк, заснован на институционална зрелост, и да го почитуваат правото и фактите, наместо да подгреваат тензии за собирање политички поени.

Иднината во нашиот регион мора да ја градиме врз основа на соочување со фактите, почит кон сите жртви и трајно помирување, наместо граѓаните да се држат како заложници на минатото.

ЛДП бара целосна сериозност од сите носители на функции: престанете со релативизирање на воените злосторства и конечно прифатете дека пред правдата и пред историјата, секој одговара исклучиво со своето име и презиме!

Можете да прочитате

1.875 прекршоци и 116 кривични пријави за возачи на велосипеди, мопеди и мотоцикли

Во тек е третиот конкурс за наградата „Оливера Николова” за најдобар необјавен роман за деца и млади

Цветаноски: Нов дебакл, странски инвестиции од само 18 милиони евра – со Мицкоски тонеме