Утрински Весник
Македонија

На в.д. претседателот на Основниот суд Гостивар одземен му е пасошот

Elesa aliji.jpg

В.Д: претседателот на Основниот суд Гостивар, Елјеса Алији остана без пасош и дополнително определени му се мерки на претпазливост, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против него и против судски администратор поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание.

Основниот кривичен суд во Скопје го уважил предлогот на обвинителството и на Алији му определил обврска повремено да се јавува кај службено лице, привремено одземање на постојната патна исправа, забрана за издавање нова патна или друга исправа за преминување на државната граница, забрана за преминување на границата и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело.


Исти мерки на претпазливост му се определени и на судскиот администратор од Основниот суд Гостивар, кој е второосомничен во предметот. Од Кривичниот суд појасниле дека не може да се определи построга мерка од бараната, бидејќи обвинителството не побарало притвор, туку мерки на претпазливост.

Според обвинителството, двајцата осомничени во периодот од јануари 2023 година до 2025 година, користејќи ја службената положба и реално или претпоставено влијание како претседател на суд и судски администратор, барале и примиле парична награда од 8.000 евра. Второосомничениот, според наводите во истрагата, примил и дополнителни 800 евра.

Предметот се однесува на граѓански спор во кој, според обвинителството, осомничените му ветиле помош на лице што било странка во постапка. На почетокот на 2023 година, за надомест од 5.000 евра, тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар за да се донесе решение за повторување на постапка во која претходно била донесена одбивателна пресуда.

Откако тоа не успеало, според обвинителството, биле побарани уште 3.000 евра за интервенција кај судии во втор степен, со цел да се укине решението со кое не било дозволено повторување на постапката. Дополнителните 800 евра, според истите наводи, биле дадени на второосомничениот за постапување поврзано со писмен документ доставен од извршител.

Истрагата е отворена за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Во оваа фаза станува збор за основано сомнение и за истражна постапка, а не за обвинение или судска пресуда.

Можете да прочитате

Мицкоски: Повеќе од една милијарда е инвестирано во автопатот Кичево-Охрид, очекувам да биде завршен најдоцна до првиот квартал 2027 година

Мециновиќ Владата ја гарантира „шансата да изгубиш сѐ” –  коцкањето станува јавно-здравствена криза

Уапсен возачот кој вчера во Скопје со возило удри во 13-годишен велосипедист