Утрински Весник
Македонија

Мрѓа: 138 жртви, а никој не одговара – уште пострашен е молкот на цел народ

494476618 10163170924962292 639303259738512292 n.jpg

Душица Мрѓа со остра реакција на Фејсбук потсети на 138-те жртви во трагедиите во Кочани, модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа кај Ласкарци и пожарот во автобусот на „Беса транс“ во Бугарија, оценувајќи дека семејствата сè уште чекаат правда, додека јавноста молчи.

„Прво сите убиени, потоа нивните семејства, па на крај и самите себе како народ, убивани од години и години корупција, грабеж, квазиинституции и партиски крлежи на секоја власт“, напиша Мрѓа.


Таа посочува дека родителите на 63-те жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани речиси две години сами бараат правда, поддршка и одговорност.

Мрѓа ги критикува премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тврдејќи дека речиси една година ги залажуваат семејствата со најавите за собраниска анкетна комисија.

Во статусот таа потсетува и на 14-те пациенти кои живи изгореа во модуларната болница во Тетово, оценувајќи дека пет години подоцна никој не зборува за нив, додека истрагата, според неа, завршила без вистинска одговорност.

Мрѓа се осврна и на несреќата кај Ласкарци, во која загинаа 16 лица, наведувајќи дека еден од осудените избегал од државата, а Врховниот суд го вратил предметот на повторно одлучување.

„Семејствата на загинатите тешко дека воопшто ќе видат правда некогаш“, напиша таа.

Истовремено потсети и на 45-те жртви во автобуската трагедија во Бугарија, посочувајќи дека и тој случај е речиси целосно заборавен.

Според Мрѓа, предистрагата за лиценцата и техничкиот преглед дополнително ја продлабочила недовербата во институциите, додека семејствата на жртвите останале сами да ја водат битката за вистината.

„Она што за мене е исто толку поразително, срамно и понижувачко е молкот на цел еден народ“, порача Мрѓа.

Таа оценува дека нема сериозни протести, континуирано барање правда или притисок за одговори и дека трагедиите се паметат само неколку дена, по што јавноста повторно се враќа на политичките препукувања.

„Најбитно во државата е кој повеќе кого плукал дека е криминалец. Местото не му е во врвот на политичката сцена – ниту на едни, ниту на други, трети или четврти“, заклучува Мрѓа.

Можете да прочитате

Работникот меѓу платата, продуктивноста и нерамноправноста

Македонец возел камион со 68 килограми кокаин во Франција

МЗ: Обезбедуваме континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија