Утрински Весник
Економија

Министерството за енергетика и UNECE ја продолжуваат соработката за одржлива енергетска транзиција и поголемо учество на жените во секторот

Viber image 2026 11 26 14 36 40 646.jpg

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со Елена Ивановска, кабинетски службеник за следење на стратешките приоритети на Владата, оствари работна средба со Дарио Лигути, директор на Одделот за енергетика, домување и управување со земјиште (EHLMD), и Олег Ѕубински, регионален советник за енергетика при Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE).

На средбата беше оценета досегашната соработка меѓу Министерството и UNECE, особено во организацијата на Првиот форум за енергетска дипломатија во Скопје. Соговорниците ја потврдија заедничката определба за продолжување и унапредување на партнерството, со фокус на одржливата енергетика, енергетската транзиција и зајакнувањето на улогата на жените во енергетскиот сектор.


Посебно внимание беше посветено на понатамошниот развој и проширување на Мрежата на жени во енергетската дипломатија, иницијатива воспоставена во рамки на Форумот. Министерството и UNECE ќе работат на поттикнување на институциите и организациите предводени од жени да се приклучат кон Мрежата, со цел поголема застапеност на жените, зајакнување на нивното лидерство и активно учество во креирањето и спроведувањето на енергетските политики.

На средбата беше потврдена и подготвеноста на UNECE да продолжи со стручната и институционалната поддршка на државата во повеќе приоритетни области, меѓу кои енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, електрификацијата, праведната енергетска транзиција, намалувањето на емисиите на метан и одржливото управување со ресурсите.

Продлабочувањето на партнерството со UNECE е значајно за унапредување на националните енергетски политики, примената на меѓународните стандарди и користењето на експертската поддршка во процесот на енергетска транзиција. Истовремено, преку Мрежата на жени во енергетската дипломатија, се отвора простор за посилна регионална соработка и поголема улога на жените во обликувањето на иднината на енергетскиот сектор.

Можете да прочитате

Невработеноста намалена за 2,4 проценти на годишно ниво

Настап на Азески на инвестициската конференција „ЕУ- Западен Балкан“

Гувернерот Славески на семинар на ЕЦБ: Макроекономската стабилност и модернизацијата на платните системи се важни за побрза интеграција со ЕУ