Утрински Весник
Македонија

Милков: Ќе го вратиме амбасадорот ако се почне со дијалог на високо министерско ниво

Милков побара солидарност од ЕУ за Пендиков

Ако се обезбедат услови за почнување дијалог на високо ниво меѓу Бугарија и Македонија или ако премиерот Ковачевски го убеди колегата Донев дека ќе се подобрат односите, амбасадорот Ангел Ангелов ќе се врати во Скопје. Ова го најави министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, коментирајќи ја одлуката на Софија да го повлече амбасадорот Ангелов поради минатонеделниот настан, во кој беше претепан охриѓанецот Христијан Пендиков.

dobivaj vesti na viber

„Ние одлучивме да го повлечеме амбасадорот и тоа е координирано од највисоко ниво. Тоа е национален и правилен одговор. Таму можеби не се дава такво значење за ситуацијата, но амбасадорот Ангелов ни е неопходен тука за да се координираме. Тој би можел да се врати во Скопје кога ќе се создадат услови за тоа, односно ако почне дијалог на високо министерско ниво, во кое амбасадорот по принцип учествува на тие разговори. Или ако на некаков начин разговорот на премиерите денес ги олабави односите, тогаш може да разговараме за враќање на амбасадорот во Скопје“, рече Милков.

Шефот на дипломатијата на Бугарија посочи дека доколку Северна Македонија го попречи пристапот на бугарските политичари и ги прогласи за персона нон грата, тоа би било без преседан.

„Ако тоа се случи, тоа ќе биде без преседан. Немам информации дека две земји членки ги прогласиле своите граѓани за персона нон грата. Ова ќе биде без преседан и ќе бара одговор без преседан. Ангел Џамбаски со сите свои мани е известувач за Македонија во Европскиот парламент“, истакна Милков.

Бугарија ќе бара гаранции од властите во Македонија дека локалните институции ќе ги исполнат своите функции.

„Бугарите и луѓето со бугарска самосвест немаат доверба во македонските институции, таквите поплаки што ги поднесуваат не се разгледуваат или ако се разгледаат, добиваат негативен резултат, а овие Бугари стануваат жртви на малтретирање и закани. Треба да се увериме дека македонските институции ќе почнат со своите функции. Комисијата за заштита и спречување на дискриминацијата, наместо да ги разгледува извештаите, се сврте против нив.

Под овој притисок, кој се врши таму, Бугарите во Северна Македонија немаат многу опции – или да престанат со своите активности и да се поклонат или да се вратат во Бугарија. Тоа мора да биде дел од нашиот дијалог таму за да може да се прекине овој маѓепсан круг – се жалат тие, а тоа им се враќа назад. Нападнат е бугарски клуб, членовите на тој клуб се повикани на распит во полиција и не се знае во кое својство. Ова е главниот проблем, така што какви и да поставиме механизми, ако не се институциите, нема да има резултати“, посочи тој.

Орце Костов

Можете да прочитате

Одѕивот на Претседателските избори во Амбасадата во Брисел до 17 часот 39 отсто  

Вкупно 165 болни и немоќни гласаа во Неготино

ВИКЕНДОТ ШТО ДОАЃА ЌЕ ДОНЕСЕ МНОГУ СВЕЖИ УТРА: Температурите ќе бидат потпросечни, а ќе се спуштат и до 3 степени