Утрински Весник
Економија

Нова инвестиција на „Кромберг и Шуберт“ – отвора 2.000 работни места во Битола за производство на делови за „Ауди“

Image 2026 10 15 150708397.png

Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ започнува нов инвестициски проект во Битола, во рамки на кој во следните четири години се предвидува отворање на 2.000 нови работни места и производство на автомобилски компоненти за „Ауди“. Проектот ќе се реализира во фабриката во индустриската зона Жабени и ќе опфати воведување нови технологии, дигитализација на производството и примена на вештачка интелигенција, со што вкупниот број вработени во компанијата во земјава се очекува да достигне околу 10.000.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција оцени дека инвестицијата е значајна за Битола, Пелагонискиот Регион и за целокупната економија. Тој посочи дека во фабриката во индустриската зона Жабени ќе се произведуваат системи за нов модел на „Ауди“, со планиран обем од над 3.000 снопови дневно.


– Ова е важна инвестиција за Битола, за Пелагонискиот Регион и за целокупната економија, но и потврда дека како држава располагаме со квалификувана работна сила и индустриски капацитети кои можат да одговорат на највисоките европски стандарди – изјави Мицкоски.

Според него, компанијата досега реализирала три инвестициски проекти во Жабени и во моментов вработува над 5.000 лица во Битола и повеќе од 1.700 во Скопје.

– Во фабриката во индустриската зона Жабени ќе се произведуваат системи за нов модел на Ауди, со планиран обем од над 3.000 снопови дневно. Инаку, проектот предвидува и воведување современи технологии и дигитализација на производството. „Кромберг и Шуберт“ досега има реализирано три инвестициски проекти во Жабени. Ќе ме коригирате ако нешто погрешам, во Битола до сега се околу 5.300 или 5.280, во Скопје се нешто над 1.700, со овој проект ќе дојдеме веќе до 10.000 вработени.  Така што довербата што ја има „Кромберг и Шуберт“ во земјата е огромна. За Битола и цела Пелагонија ова значи нов развоен импулс, за локалното стопанство дополнителни можности, а за граѓаните перспектива за стабилна работа и економска сигурност – посочи премиерот.

Тој информираше и дека компанијата следната година очекува извозот од своите производни капацитети во земјава да надмине 400 милиони евра.

– Нашата цел е да бидеме препознаени како сигурна и конкурентна инвестициска дестинација, со силна индустрија, зголемен извоз. Тоа го разговаравме пред почетокот на оваа прес-конференција, следната година од „Кромберг и Шуберт“ очекуваат да надминат 400 милиони евра извоз од своите производни капацитети кај нас. И подобро платени работни места, навистина просечните плати, посебно за висококвалификуваниот кадар се над 80 проценти над просекот во Македонија – рече Мицкоски.

Комерцијалниот директор на „Кромберг и Шуберт“, Ѓорѓи Тренковски, истакна дека новиот проект ќе донесе и нови технологии во фабриката во Битола.

– Веќе ги информиравме претседателот и неговите соработници дека сакаме, со новите чекори што ги презема „Кромберг и Шуберт“ и со новите развојни правци, проектниот менаџмент да се пресели кај нас во Битола. Инженерите ќе работат на развој на нови технологии, а дел од нив веќе се имплементираат, вклучувајќи вештачка интелигенција и автоматски камери – изјави Тренковски.

Тој појасни дека дел од процесите веќе се модернизираат преку примена на вештачка интелигенција.

– Наместо одредени делови од кабелскиот сноп да се бројат рачно или со посебни машини, преку вештачка интелигенција се овозможува континуирано подобрување на процесите и на квалитетот – рече Тренковски.

Одговарајќи на новинарски прашања тој додаде дека компанијата е исклучително задоволна од домашниот кадар и дека целта е раководните позиции постепено да ги преземаат македонски менаџери.

– Од менаџери Германци ќе преминеме кон менаџери Македонци. Имаме извонредни кадри во Македонија и сакаме постепено да ги замениме странските кадри со македонски – истакна Тренковски.

Во однос на обезбедувањето кадар за новите вработувања, посочи дека компанијата најпрво ќе се насочи кон домашниот пазар на труд, но не ја исклучува можноста за ангажирање странски работници доколку останат непополнети работни места.

– Очекуваме да стапиме во контакт со сите расположливи инженери, оператори и невработени лица кои би сакале да ја променат работата. Доколку не успееме да ги пополниме сите работни места, точно е дека е зголемена квотата за странски работници и внимателно ќе ја разгледаме и таа можност – рече Тренковски.

Можете да прочитате

ВЛЕН: ММФ и Светската банка ги зголемуваат прогнозите, економијата е на добар пат

Гувернерот Славески на средби со ММФ: македонската економија покажува отпорност, а банкарскиот систем останува стабилен

Левица повторно ќе поднесе Предлог-закон за гарантирано платено породилно отсуство за земјоделките