Утрински Весник
Македонија

Забрана за пиење на водата од пет јавни чешми во Општина Гевгелија

20261015142312 big 730x400 31 e1792070194843.webp.webp

Општина Гевгелија ја забрани водата за пиење од пет јавни чешми, согласно добиените резултати од Центарот за јавно здравје во Велес. Како што информираат од Општината, по направени анализи на пет места, резултатите од редовното испитување покажале дека водата не ги исполнува условите за безбедност и квалитет за пиење. Станува збор за природната чешма „Мурџева“ во Негорци, спомен-чешмата „Катерина“ во Конско, природната чешма на патот во Старо Конско, природната минерална чешма во Смрдлива Вода и водата од водоводот во Смрдлива Вода.

Од Општината соопштуваат дека според резултатите од лабораториските испитувања, во водата се утврдени микробиолошки и физичко-хемиски отстапувања од пропишаните услови согласно Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.


– По добиеното известување со насоки за постапување од Центарот за јавно здравје- Велес, комуналниот и инспекторатот за животна средина при Општина Гевгелија преземаа активности за информирање на граѓаните. На наведените чешми се поставени табли со предупредување дека водата не е исправна за пиење. Дополнително, ќе се преземаат соодветни мерки за отстранување на можните извори на загадување, како и соодветен третман за дезинфекција, се вели во објавата на Општината.

Надлежните појаснуваат дека водата од природните чешми наведени во известувањето потекнува од природни извори и не е дел од водоснабдителниот систем преку кој се снабдуваат домаќинствата. Тие апелираат до граѓаните да ги почитуваат поставените предупредувања и да не ја користат водата од наведените чешми за пиење, со цел заштита на здравјето и спречување на можните ризици од употреба на неисправна вода.

Можете да прочитате

Јаневска: Со двојно зголемен буџет во период од две години, значително ја раздвиживме науката во Македонија

Земјотрес попладнево во Македонија – 24info.mk

Новата Програма за рано учење и развој ќе се тестира во 11 детски градинки