Утрински Весник
Свет

Лута реакција на Нетанјаху на најавата на САД за воведување санкции за единицата на израелската армија

Netanjahu Bliken.jpeg
Ss2

Владата на Израел луто реагираше на извештаите дека САД имаат намера да воведат санкции на контроверзната единица на израелските одбранбени сили (ИДФ) поради кршење на човековите права на Западниот Брег.

„Не смеат да се наметнуваат санкции на израелските одбранбени сили“, напиша премиерот Бенјамин Нетанјаху во објава на платформата на социјалните мрежи Х, додавајќи дека неговата влада ќе се спротивстави на таквите мерки со сите расположливи средства.

Img 5587

Бени Ганц, член на воениот кабинет на Израел, рече дека воведувањето санкции за единицата ќе создаде опасен преседан и ќе испрати погрешна порака до „заедничките непријатели“ во време на војна.

Американскиот информативен портал Аксиос објави, цитирајќи три лица запознаени со ова, дека американскиот државен секретар Антони Блинкен се очекува да објави санкции против единицата Нецах Јехуда за кршење на човековите права на Западниот Брег во наредните денови.

Ова ќе биде првпат САД да воведат санкции против израелска воена единица.

Нетанјаху на „Х“ напиша дека во последните недели водел кампања против воведувањето санкции за израелските граѓани, вклучително и преку разговори со високи претставници на американската влада.

„Во време кога нашите војници се борат со чудовиштето на теророт, намерата да се воведат санкции врз единицата е врв на апсурдноста и моралното дно“, напиша тој.

Според израелскиот медиум Тајмс оф Израел Ганц изјавил дека ќе бидат преземени мерки за да се спречи ваквата одлука.

Пешадиската единица е „составен дел на ИДФ“ и е обврзана со воено и меѓународно право. Израел има „силни и независни“ судови кои можат да се справуваат со наводните прекршувања, додаде Ганц.

Санкциите ќе им забранат на членовите на единицата да добиваат воена поддршка или американска обука, објави Аксиос, цитирајќи свои извори.

Американски официјален претставник рече дека одлуката на Блинкен во врска со единицата се заснова на инциденти што се случиле на Западниот Брег пред Хамас да го нападне Израел на 7 октомври.

Според израелските медиуми, единицата е поврзана со десничарскиот екстремизам и насилството врз Палестинците. Израел ја повлече единицата од Западниот Брег во декември 2022 година.

Израел ја презеде контролата врз Западниот Брег и Источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967 година. Денес таму живеат повеќе од 600.000 израелски доселеници.

Палестинците бараат територии за своја држава со главен град источен Ерусалим.

Ss1

Можете да прочитате

Руски војници влегоа во американската база во Нигер

Подољак: Да се усвои единствена одлука за враќање на воено способни мажи во Украина

(ВИДЕО) Голем пожар во Берлин, зафатени хемикалии, опасност од отровни гасови и експлозии