
Градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, изјави дека во моментов не постои официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби кај граѓаните се предизвикани од водата од градскиот водовод.
Тој посочи дека според редовните анализи што ги спроведува ЈП „Комуналец“, досега испитаните примероци покажале дека параметрите на водата биле во рамките на законски дозволените вредности.
„По добиената пријава, Јавното обвинителство, полицијата и другите надлежни институции извршија дополнителен увид и земаа нови примероци за лабораториско испитување. До објавувањето на официјалните резултати, по препорака на Агенцијата за храна и ветеринарство, воведена е привремена забрана за користење на водата за пиење и за подготовка на храна“, напиша Лимани.
Тој апелира граѓаните целосно да ја почитуваат оваа мерка, нагласувајќи дека таа е превентивна и е донесена исклучиво за заштита на здравјето на населението.
Во однос на информациите дека дошло до мешање на канализациска и водоводна вода, градоначалникот истакна дека според информациите од ЈП „Комуналец“, на посочената локација нема канализациска мрежа. Сепак, како што наведува, сите наводи се предмет на проверка, а конечниот збор ќе го имаат надлежните институции по завршувањето на истрагата и лабораториските анализи.
„Во моментов нема официјален медицински или лабораториски доказ дека пријавените стомачни тегоби се предизвикани од водата од градскиот водовод. Причината мора да се утврди стручно и врз основа на релевантни анализи. Општината е во постојан контакт со сите надлежни институции и целосно соработува во постапката“, порача Лимани.
Тој додаде дека веднаш штом бидат достапни официјалните резултати од испитувањата, тие ќе бидат јавно објавени, целосно и транспарентно.
Во меѓувреме, директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“, Артана Асани, ги отфрли тврдењата на Министерството за внатрешни работи дека причина за епидемијата, која досега погоди околу 1.200 жители на Гостивар, се пумпи поставени во корито за истечни отпадни води, од каде загадената вода наводно навлегла во градскиот водоводен систем.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата, а јавноста ги очекува резултатите од лабораториските анализи кои треба да ја утврдат точната причина за масовните стомачни тегоби кај гостиварци.

