Утрински Весник
Македонија

Левица: Со кривична пријава за финансиски криминал со МРТВ Цветковски ќе раководи со “Скопје 2028”

Levicza 2.jpg

Соопштение за јавност на Левица:

Додека во Собранието од денес влегува во постапка Предлог-законот за проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028″, кој предвидува и  основање на Фондација, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски веќе го назначи екс директорот на МРТ, Марјан Цветковски за директор на Фондација која правно сè уште не постои.

Ова назначување го отвара наједноставното, најлогично, но и најсуштинско прашање: врз основа на кое законско овластување е извршено ова назначување?

Според Предлог-законот, директорот на Фондацијата го именува Управниот одбор. Но Управен одбор сè уште не може да постои, бидејќи Фондацијата не е основана со закон. Ова покажува дека кадровските решенија се однапред договорени, а законот треба само дополнително да ги легализира.

Дополнително загрижува изборот на Марјан Цветковски, човек чие долгогодишно управување со Македонската радио-телевизија остана запаметено по финансиски проблеми, висока задолженост и бројни критики во ревизорските извештаи.

Во 2019 година, Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против Цветковски поради сомнение за злоупотреба на службената положба. Според тогашните информации, при обезбедување кредит од околу 2,5 милиони евра за набавка на техничка опрема, под хипотека бил ставен имот на МРТ без соодветна согласност од Собранието, при што била направена штета од околу 154 милиони денари.

Во текот на неговото раководење, ревизорските извештаи континуирано укажуваа на висока задолженост, одложени инвестиции и проблеми во финансиското работење на јавниот сервис. По 14 години директорски мандат, МРТ остана јавен сервис што заостанува зад националните радиодифузери во регионот.

Не треба да се заборави ниту дека неговиот реизбор за директор на МРТ беше проследен со сериозни правни контроверзии, бидејќи во јавноста беа изнесени аргументи дека најмалку четворица членови на Програмскиот совет, кои гласаа за негов избор, биле избрани спротивно на член 119 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Денес, истиот човек се поставува на чело на проект тежок над 20 милиони евра јавни средства, и тоа пред воопшто да биде формирана институцијата со која треба да раководи.

Уште позагрижувачки е што Предлог-законот за Фондацијата отвора сериозни дилеми околу начинот на трошење на јавните средства. Се предвидува посебен режим на набавки надвор од Законот за јавните набавки, концентрирани овластувања кај органите на Фондацијата, ограничена улога на Советот на Град Скопје и можност Фондацијата да располага со јавен и приватен имот за потребите на проектот.

Кога на сето тоа ќе се додаде фактот дека директор се именува пред да постои Фондацијата и пред да биде формиран Управниот одбор кој, според самиот Предлог-закон, треба да го избере, основано се поставува прашањето дали се почитува правниот поредок или однапред се воспоставува модел во кој законските процедури се сведуваат на формалност.

Проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028″ треба да биде  пример за култура, транспарентност и отчетност, а не пример како институциите се ставаат пред свршен чин, а законите се приспособуваат на однапред донесени кадровски одлуки.

И да не се заборави, Марјан ЦВЕТКОВСКИ СО МАНДАТ ОД 14 ГОДИНИ како директор на МРТВ е најголемиот виновник за катастрофата на националниот сервис кој е најслаб во регионот. Сега тој ќе раководи со Фондацијата што ќе го спроведува проектот „Скопје европска престолнина на културата”

Можете да прочитате

Клековски, Андовски, Перински и Касами со делегација на Светска банка во КБ Тетово: Подготвуваме значајна инвестиција во здравството на полошкиот регион

ДУИ: Уште еден странски инвеститор си заминува – Владата да одговори колку работни места се загрозени

ВМРО-ДПМНЕ: СДС ја покажа својата хипокризија на дело за Гостивар, Филипче молчи, ги штити и не бара одговорност за своите функционери