Утрински Весник
Македонија

Брвеница, Алта банка и предвремени избори: Дали Македонија влегува во нова политичка неизвесност?

Img 6306 3.jpeg

Пишува: Проф. д-р Иван Анастасовски

Кога локалниот изборен резултат станува национална политичка порака, а финансиската нестабилност отвора прашања за довербата во институциите, тогаш дилемата за предвремени парламентарни избори станува реалност и тема за сериозна политичка анализа особено на владејачките партии.


Македонската политичка сцена повторно се наоѓа пред неколку сериозни прашања. Брвеница, Алта банка и се погласните калкулации за предвремени парламентарни избори на прв поглед се три различни приказни. Но, кога ќе се погледнат во поширок политички контекст, тие имаат една заедничка точка: довербата во политиката, институциите и способноста на државата да управува со кризите.

Брвеница не е само една општина, ниту изборите таму се само локална трка за градоначалничка функција, а особено по вториот изборен круг каде доследно се виде лутината на ВМРО-ДПМНЕ кое условно е изневерено од својот колационен парнтер ВЛЕН, во кој кандидатот на ДУИ победи наспроти кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ со што овој изборен резултат добива поширока политичка димензија. Тоа е тесна победа, но политички значајна порака која ќе повторам власта не може и не смее да ја игнорира, а опозицијата не смее автоматски да ја прогласи за почеток на национален политички пресврт.

Но уште поважно е што Брвеница покажа дека политичките односи не се толку едноставни како што изгледаат од партиските штабови. ВЛЕН не успеа да го задржи политичкиот простор што го очекуваше, ДУИ покажа дека се уште има сериозен мобилизациски потенцијал, а ВМРО-ДПМНЕ се соочи со пораз во трка во која во првиот круг имаше водство, додека СДСМ беше нем посматрач во вториот изборен круг. Но сепак, ова е порака до сите политички субјекти: граѓаните не се трајна сопственост на ниту една партија,  ниту коалициската власт е гаранција за изборна победа, ниту опозициското незадоволство автоматски се претвора во политичка поддршка. Брвеница не ја смени власта, но ја промени политичката атмосфера.

Од друга страна се случи Алта банка, кое за жал е многу повеќе од банкарска вест, ако Брвеница е политички сигнал, тогаш случајот со Алта банка е сериозен институционален тест. Вчера на прес конференција видовме дека Народната банка воведе привремена администрација во Алта банка Битола, поради случувањата со нејзиниот мнозински сопственик во Србија, на кој му е одземена дозволата за работа, со тоа на клиентите (наши сограѓани) им се воведе ограничување на одливот на средства од 10.000 денари неделно, додека централната банка ја презема контролата врз управувањето. Овде мора да се направи важна разлика: проблемот со сопственичката структура не е автоматски доказ дека македонската банка е несолвентна. Гувернерот уверува дека банката има капитална и ликвидносна стабилност, но фактот дека се воведува администрација и се ограничува пристапот до средствата на клиентите е доволна причина за сериозна јавна загриженост.

И токму тука започнува вистинската политичка одговорност. Граѓанинот не сака технички објаснувања, бирократски соопштенија и уверувања дека се е под контрола, тој сака да знае дали неговите пари се безбедни, кој ја следел состојбата, дали институциите реагирале навреме и дали некој ќе понесе одговорност доколку се утврдат пропусти. Но сепак мислам дека ова не смее да стане партиска пресметка, но, исто така, не смее да се претвори ниту во уште еден случај во кој одговорноста ќе се изгуби низ институционалните лавиринти. Државата мора да покаже дека институциите се посилни од сопствениците, политичките влијанија и финансиските интереси.

Сега е време да се покаже вистинско лице дека предвремените избори се ралност, преточени во две дилеми од кои едната е политичката потреба, другата е партиската математика. Премиерот Христијан Мицкоски повеќепати порача дека владата има четиригодишен мандат и дека редовните избори се предвидени за април 2028 година, но и дека доколку опозицијата побара избори во Собранието, власта е подготвена да излезе на избори. 

Оваа позиција на Премиерот е политички интересна. Од една страна, власта тврди дека има стабилно парламентарно мнозинство и легитимитет да го заврши мандатот. Од друга страна, остава отворена врата за избори, уверена дека повторно би победила.

Кој има најмногу да добие, а кој најмногу да загуби од предвремни парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ во овој момент има причина да ја брани политичката стабилност и да инсистира на продолжување на мандатот. Но, не смее да ја потцени опасноста од акумулирање незадоволство. Изборната победа не е траен политички имунитет. ДУИ со резултатот во Брвеница доби нов политички аргумент. Покажа дека нејзиниот политички потенцијал не може да се отпише и дека битката за влијание во албанскиот политички блок останува отворена. ВЛЕН, пак, се соочува со можеби најнепријатното прашање: дали учеството во власта навистина ја зајакнува неговата политичка позиција или постепено ја троши поддршката што ја доби како нова политичка алтернатива. И конечно, СДСМ има можност да ја искористи секоја слабост на власта, но тоа нема да биде доволно. На опозицијата и е потребна нова политичка понуда, нова енергија и кредибилитет што ќе ги надмине старите политички слабости. Затоа, евентуалните предвремени избори не би биле само натпревар меѓу партиите, туку и тест за тоа кој навистина има капацитет да ја води државата во следниот период.

Можете да прочитате

Ахмети во Брвеница: Македонија не им припаѓа ниту на Христијан ниту на Црвенковски, туку на домородните Албанци

Денес на Комисија Предлог-законот на Левица за државата да преземе дел од станбениот долг на семејствата

Ноември продолжува со дожд: Денеска облачно, во Скопје до 14 степени