
Соопштение за јавност на Левица:

Поминаа недели откако Левица реагираше за хаосот што УЈП го создаде со новиот начин на пресметка на придонесите за занаетчиите, а проблемот и натаму не е решен! И денес имаме занаетчии кои не можат да платат ниту придонеси, ниту данок, додека институциите сè уште “координираат” што и како треба да функционира. За луѓето што живеат од сопствениот труд, секој изгубен месец значи ризик да останат без здравствено, да натрупаат обврски и да не знаат што ги чека утре.
Со измените, придонесите се врзуваат за личната сметка на занаетчијата, наместо како досега за дуќанот преку кој тој заработува. Така се создаде апсурдна состојба – на сметката на дуќанот има пари, а на личната нема; некој има кредит и мора да плати месечна рата, но приходот што го заработил не може нормално да го користи; друг ја извршил уплатата, а сепак морал приватно да плати лекар затоа што здравственото не му било навреме евидентирано. Занаетчиската комора уште претходно предупреди дека над 3.000 занаетчии и нивните семејства се погодени од ваквиот хаос!
А проблемите не завршуваат тука. Сè уште нема јасен и функционален одговор што се случува ако занаетчијата работи скратено, ако се разболи, замине на породилно, ја прекине дејноста или му се промени бројот на работни денови. Значи, државата го смени системот, го пушти во употреба, а дури потоа почна да открива дека реалниот живот не се вклопува во нејзините формулари.
Крајно безобразно е што целата оваа несигурност паѓа врз луѓе кои не бараат ништо од државата освен да им дозволи нормално да работат и да си ги плаќаат обврските. Занаетчијата нема министерска плата додека институциите експериментираат со системот. Тој има дуќан што мора да го отвори, семејство што мора да го издржува, кредит што мора да го плати и здравје што не може да чека УЈП да се усогласи со останатите институции.
Левица ги повикува директорката на УЈП, Елена Петрова и министерката за финансии на Гордана Димитриеска-Кочоска конечно да реагираат и да се произнесат што прават и што планираат да направат! Бараме да се воспостави функционален начин на плаќање преку кој занаетчиите непречено ќе располагаат со сопствениот приход, да се обезбеди континуирано здравствено и пензиско осигурување и веднаш да се решат прашањата со блокираните лични сметки, кредитите, боледувањата, породилното и промените во работниот статус. Овој хаос со месеци им ја загрозува егзистенцијата на луѓето!


