
Соопштение за јавност на ЛДП:
Ако не беше оваа регионална турнеја во пакет со Молдавија и Романија, можеби немаше ни да забележиме какво дно допре македонската дипломатија! Додека Кишинев и Букурешт потпишуваа конкретни меморандуми, обезбедуваа нови пазари за своите земјоделци и договараа реални инвестиции во фармацијата, ИТ секторот и логистиката, нашиот државнички врв ја пречека индиската претседателка со обичен протоколарен фолклор, откривање биста и скапи дипломатски гоштевања.
Суровата реалност е поразителна: додека во Молдавија и Романија се потпишуваат договори од кои ќе растат и нивните буџети и платите на граѓаните, Македонија троши народни пари за свечени ручеци и вечери без ниту еден единствен потпишан договор!
Кога немаат ништо конкретно на маса, функционерите фрлаат прашина во очите на јавноста со бајки за некаква „амбиција од 400 милиони долари трговска размена”.
ЛДП ги прашува Владата и Министерството: Како ќе ја остварите оваа фантазија кога индиските бизнисмени со месеци чекаат за застарени македонски визи, кога немаме ниту еден директен карго-лет и кога за цела посета не бевте способни да договорите ниту една правна олеснителна рамка? Со празни зборови и сликање за социјалните мрежи не се прави економија!
Молдавија, која до вчера ја сметавме зад нас, денес не само што нѐ претркува на патот кон Европската Унија, туку ни одржа професионална лекција како се води економска дипломатија со глобална велесила. Време е за итен крај на оваа „бла-бла дипломатија” — на Македонија ѝ требаат резултати и пари за бизнисот, а не амбасадори и функционери чиј најголем дострел е организирање бизнис-форуми од кои сите си заминуваат со празни раце!


