Утрински Весник
Македонија

Ковачевски: Ние сме пример како со мека дипломатија можат да се решат историски и идентитетски прашања

Ковачевски: Ние сме пример како со мека дипломатија можат да се решат историски и идентитетски прашања

Ние сме функционална мултиетничка демократија, пример како отворените прашања се решаваат со дијалог, изјави претседателот на Владата , Димитар Ковачевски кој денес одржа предавање на реномираниот Универзитет Колумбија во рамките на Форумот на светски лидери.

dobivaj vesti na viber

Заклучи дека Северна Македонија во овој момент е темелот на стабилноста на Балканот.

„Ние сме можеби мала земја но сме темел на стабилност за Балканот. Ние сме пример за регионот но и за пошироко за тоа како меката дипломатија но и како со моќта на преговорите и дипломатијата можеме да ги решиме историските но и прашањата кои се поврзани со идентитетот“, додаде Ковачевски.

„Ако сакате да најдете место во светот каде што се користат дипломатски напори и користењето на мека сила тогаш тоа е Република Северна Македонија и сите договори кои ги направивме интерно во државата но и надворешно со соседите се всушност функционално одржливи“, рече Ковачевски.

Како што нагласи тоа и дало можност на земјата да напредува во постигнувањето на своите стратешки цели. Во поширок контекст, рече Ковачевски, мојата земја е навистина редок пример на Балканот каде што мислам дека не треба да ве потсетувам на насилството, војните и економските притисоци.

Објасни дека сите коалициски Влади што стапуваа на власт имаа барем еден коалициски партнер од албанската етничка заедница што ја имаме во државата, а тоа е важно, затоа што албанското малцинство е најголемото малцинство во нашата земја.

Исто така, подвлече Ковачевски, и политичките партии од други малцинства се дел од Владата. Значаен аспект во развивањето на овој систем е потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, бидејќи, според Ковачевски, тој е уникатен и успешен концепт на решавање на идентитетските судири.

Како позитивен пример, Ковачевски ги истакна и Преспанскиот договор како и Договорот за пријателство со Бугарија.

„Со Грција успеавме да најдеме решение за уставното име на државата, истовремено зачувувајќи го идентитетот и јазикот на граѓаните. Ова ни даде можност да станеме полноправна членка на НАТО Алијансата. Вториот договор со Бугарија всушност повторно беше многу емотивен затоа што обично ги делам преговорите на два големи вида, емотивни и неемотивни. Со грчките преговори не бев директно вклучен но да речеме дека грчката страна преговараше на малку порационално ниво, а ние преговаравме на малку поемотивно ниво. Но, со Бугарите, тоа се преговори кои јас ги водев двете страни имаа емотивен пристап кон преговорите и беше навистина многу потешко да се најде решение. Заедно со помош на Европа, на Франција и Германија земјите кои секогаш биле дел од олеснувањето на овие процеси успеавме да го најдеме вистинското решение за иднината“, додаде Ковачевски.

За војната во Украина, Ковачевски истакна дека таа е закана за демократскиот свет, затоа што оваа војна е класичен пример за решавање на судир на идентитети но не со мирни средства туку со насилство и војна.

„Руското влијание во регионот ќе го дестабилизира функционалниот систем во мојата држава, но и системите на државите на целиот Балкан“, додаде Ковачевски.

 

Можете да прочитате

207 санкции за брзо возење

Куќен притвор од 48 часа за две лица поради убиството на лекарот во Железара

Приведено и трето лице за убиството на докоторот пред поликлиниката во Железара