Утрински Весник
Македонија

Спасовски за случајот во Кабинетот на Сиљановска: Ова е сериозен аларм, мора итно да се расчисти

Img 4879.jpeg

Случајот со наводното криптирање и можно истекување доверливи податоци од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предизвика сериозна загриженост во јавноста, особено по информациите дека за случајот веќе се води предистрага.

За ова прашање, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, реагираше пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој побара Обвинителството и надлежните институции итно и целосно да го расчистат случајот.


Спасовски оцени дека ваквите сомнежи не смеат да останат во зоната на шпекулации, бидејќи станува збор за информации кои директно ја засегаат безбедноста на државата и довербата на граѓаните во институциите.

„Ако денес имаме информации во јавноста дека нешто се случува во самиот кабинет на претседателот на државата, тоа е сериозна порака на загриженост за сите нас како граѓани и треба час поскоро да се расчисти“, изјави Спасовски.

Тој се осврна и на состојбите во безбедносниот сектор, посочувајќи дека кадровските промени во АНБ и во Агенцијата за разузнавање од почетокот биле проследени со скандали и политички влијанија.

„Самиот пристап кон промената и именувањето на кадрите во двете агенции, и во АНБ и во Агенцијата за разузнавање, беа пропратени со одредени скандали. Од самиот старт се покажа дека намерата не е заштита на државата, туку заштита на партијата и на партиските кадри“, истакна тој.

Според Спасовски, институциите мора да покажат одговорност, транспарентност и професионалност, наместо, како што рече, да се водат од партиски калкулации.

Поранешниот министер за внатрешни работи предупреди и на контрадикторните пораки кои, според него, подолг период доаѓаат од државниот врв во врска со безбедносната состојба.

Тој потсети дека во јавноста повеќепати се пласирале информации за можна дестабилизација или загрозеност на државата, кои потоа биле демантирани или останувале без институционална завршница.

„Некогаш излегува информација дека имаме загрозеност на државата, па после тоа се демантира таа информација. Уште од почетокот на мандатот, премиерот Мицкоски велеше дека имаме нарушување на безбедносната состојба, дека ќе дојде до дестабилизација… па сето тоа се одложуваше од месец во месец. Сето тоа покажува дека ние немаме стабилност во овој сектор“, рече Спасовски.

Тој заклучи дека случајот со наводното истекување информации од Кабинетот на претседателката мора да добие јасна институционална разрешница, бидејќи станува збор за прашање кое не смее да се релативизира.

Спасовски потсети дека и во минатото одредени настани, како пожарите во Скопје, лесно биле прогласувани за „хибридни закани“, но без сериозна анализа и без јасен одговор од институциите.

Според него, токму затоа овој случај треба да биде тест за капацитетот на државата да покаже дека безбедносниот систем функционира професионално, независно и во интерес на граѓаните.

Можете да прочитате

Спасовски со отворена самокритика: Големите очекувања од СДСМ донесоа големи разочарувања!

Спасовски: Владата вели сме трета економија во Европа, а граѓаните едвај крпат крај со крај

Системот не смее да се злоупотребува вели Спасовски за „Сејф сити“