
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 33-годишен маж осомничен за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, како и за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

При претрес во неговиот дом, полициските службеници пронашле поголемо количество оружје и муниција, но и предмет кој дополнително го привлече вниманието на истражителите – клуч од мотор за кој постојат оперативни сознанија дека бил користен при извршување кривично дело убиство.
„Во станот бил пронајден и клуч од мотор за кој постојат оперативни сознанија дека бил искористен при извршување на кривично дело убиство“, соопштија од Обвинителството.
При претресот била пронајдена рачна бомба „М75“ со метални кугли и шрапнелско дејство, пиштол „Црвена Застава“ со калибар 7,65 милиметри со рамка во која имало седум куршуми, како и пиштол „Берета“ со шест куршуми во рамката.
Дополнително, полицијата запленила вкупно 240 куршуми од различен калибар.
Покрај оружјето и муницијата, во домот на осомничениот биле пронајдени и околу седум грама марихуана.
Особено значаен за натамошната истрага би можел да биде пронајдениот клуч од моторот. Обвинителството засега не соопштува за кое убиство станува збор, ниту дали 33-годишниот маж се доведува во директна врска со тоа кривично дело. Наведено е само дека постојат оперативни сознанија дека моторот бил употребен при извршување убиство.
Поради опасност од бегство и можност осомничениот да ги повтори кривичните дела, јавниот обвинител до надлежниот суд доставил предлог за определување мерка притвор.
Истрагата продолжува, а надлежните треба да утврдат и дали пронајдениот клуч и моторот на кој му припаѓа имаат поврзаност со конкретно кривично дело.


