
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска во 11:30 часот ќе ја посети Општата болница во Гостивар, откако изминативе денови повеќе од 1.000 граѓани побарале лекарска помош поради симптоми како повраќање, дијареа, покачена телесна температура и стомачни тегоби.
Од Министерството за здравство информираа дека по посетата е предвидено министерот да даде изјава за медиумите во врска со актуелната состојба, здравствената состојба на пациентите и мерките што се преземаат за надминување на кризата.
Здравствените установи во Гостивар веќе неколку дена работат со зголемен број пациенти, а надлежните институции интензивно ги следат сите случувања поврзани со сомнежите за загадување на водата за пиење.
Агенцијата за храна и ветеринарство вчера донесе одлука за забрана на употребата на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем, поради основано сомнение дека таа е загадена и небезбедна за употреба. Одлуката следуваше по вонредните контроли и пријавите за голем број граѓани со симптоми на гастроинтестинални проблеми.
Во меѓувреме, надлежните институции вршат дополнителни анализи и проверки за утврдување на причините за настанатата состојба. На граѓаните им е препорачано да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна сè до добивањето на конечните резултати од испитувањата.
Се очекува министерот Клековски во текот на денот да соопшти повеќе информации за состојбата во Гостивар и за натамошните чекори што ќе ги преземе Министерството за здравство.

