Утрински Весник
Балкан

Министерката за образование во БиХ се повлекува од активности поради ретрограден Меркур

Images 3.jpg

Необична објава на министерката за образование и наука на Федерацијата Босна и Херцеговина, Јасна Дураковиќ, предизвика бројни реакции и критики на социјалните мрежи, откако таа преку видео на ТикТок соопшти дека планира да ги намали своите активности до средината на ноември поради ретроградниот Меркур.

Дураковиќ во видеото објаснува дека, според нејзиното толкување на астролошките појави, ретроградниот Меркур започнал на 30 октомври и ќе трае до 14 ноември. Таа тврди дека во последните денови имала бројни непријатни искуства во комуникацијата со луѓето, поради што почнала да верува дека положбата на планетите влијае врз човечкото однесување.


„Во изминатите денови имав навистина безброј многу лоши комуникациски искуства, така што навистина почнувам да верувам дека положбата на планетите во голема мера влијае врз нашето расположение, нашето однесување и нашата комуникација“, изјави министерката.

Таа дополнително објасни дека ваквите ситуации особено тешко ги доживува бидејќи е родена во хороскопскиот знак Близнаци, а според астрологијата, Меркур е планетата што владее со овој знак.

Како што наведе, дополнителна причина за нејзината чувствителност на комуникациските проблеми е и фактот што по професија е комуниколог.

Поради тоа, Дураковиќ најави дека до 14 ноември ќе се повлече од поинтензивните деловни активности, а на своите следбеници им препорача да ги одложат важните договори, преговори и потпишувањето документи за втората половина од месецот.

Видеото за кратко време предизвика голем број реакции, особено поради фактот што ваквите ставови јавно ги изнесува министерка задолжена за образование и наука.

На социјалната мрежа Икс се појавија бројни иронични коментари, а дел од корисниците го доведоа во прашање ваквиот јавен настап на функционерка од образовниот сектор.

Некои иронично прашаа дали хороскопот наскоро ќе стане задолжителен училиштен предмет, додека други предложија сите испити да се одложат до 14 ноември.

Имаше и корисници кои се прашуваа дали видеото е вистинско или е создадено со помош на вештачка интелигенција.

Дел од реакциите добија и политичка димензија, бидејќи Дураковиќ е членка на Социјалдемократската партија на Босна и Херцеговина.

Случајот отвори и поширока дебата за односот меѓу науката, личните верувања и јавните функции, особено кога станува збор за претставници на институции задолжени за образование.

Инаку, ретроградниот Меркур е привидно движење на планетата наназад кога се набљудува од Земјата. Станува збор за астрономски феномен кој не значи дека планетата навистина го менува правецот на своето движење.

Иако во астрологијата оваа појава често се поврзува со комуникациски проблеми, недоразбирања и одложување важни одлуки, не постојат научни докази дека ретроградното движење на Меркур влијае врз човечкото расположение или однесување.

Можете да прочитате

Вучиќ: Терор владее во Србија, криминални кланови рекетираат бизнисмени, полицијата молчи

Притвор од 30 дена за екс началниците на белградската полиција Марко Кричак и Бошко Секуловиќ

Атинскиот градоначалник бара мерки за справување со криминалните групи кои крадат бакарни цевки и кабли