Утрински Весник
Свет

Кина е подготвена за соработка со Европската Унија, рече Си Џинпинг пред Макрон и Фон дер Лајен

Кина е подготвена за соработка со Европската Унија, рече Си Џинпинг пред Макрон и Фон дер Лајен

Кина е подготвена да соработува со Европската унија (ЕУ) за да се рестартира размената на сите нивоа и да се елиминира мешањето и предизвиците, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг.

dobivaj vesti na viber

Кина и ЕУ треба да се придржуваат до дијалогот и соработката, да го одржуваат светскиот мир и стабилност и да промовираат заеднички развој и просперитет, рече Си за време на состанокот со францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Пекинг, јави кинеската државна телевизија ЦТВ, објави Ројтерс.

Посетата на Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Кина уследи по повеќегодишниот ќор-сокак со Пекинг за различни прашања, вклучително и наводите за кршење на човековите права во Ксинџијанг, стопираниот инвестициски пакт и неподготвеноста на Кина да ја осуди Русија за нејзината инвазија на Украина.

Обраќајќи им се на новинарите по неговото пристигнување во Пекинг, Макрон рече дека Европа мора да се спротивстави на намалувањето на трговските и дипломатските врски со Кина и да ја олесни спиралата на тензии меѓу Кина и Западот.

Фон дер Лејен истакна дека Европа и Кина имаа огромна корист од односите, но тие станале посложени во последниве години и важно е да бидат разгледани сите аспекти.

„Нашите економии се силно меѓусебно поврзани, а трговскиот дефицит на ЕУ расте поради дискриминаторските практики. Разговарав со премиерот Ли за тоа како да ја ребалансираме нашата трговија. Треба да го продолжиме нашиот економски и трговски дијалог на високо ниво за да се справиме со ова“, напиша Фон дер Лејен на Твитер.

За војната во Украина, Макрон порача дека Кина може да игра водечка улога во изнаоѓањето начин за мир во конфликтот и ја поздрави нејзината подготвеност да се заложи за решение.

„Знам дека можам да сметам на вас да ja вразумите Русија“, му рече францускиот претседател Емануел Макрон на својот кинески колега Си Џинпинг за време на неговата посета на Пекинг.

Фајненшл тајмс (ФТ) пишува дека ова е нов обид на европски лидер да го одврати кинескиот претседател да ја поддржи Москва. По пристигнувањето во Пекинг, Макрон рече дека би било грешка да не се разговара за инвазијата со Кина, со оглед на влијанието што Си може да го има врз рускиот претседател Владимир Путин.

Аналитичарите сметаат дека европските лидери веројатно нема да го убедат Си да се откаже од својата лична поддршка за Путин или економската поддршка на Кина за Русија. Декстер Робертс, член на Атлантскиот совет, рече дека можноста за каква било вистинска промена во блиска иднина во начинот на кој Си гледа на Путин и на Кинеската Комунистичка партија на Русија е „во суштина нула“.

Пред Макрон и Фон дер Лајен, минатата година во Пекинг беа германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и никој од нив не успеа да постигне значителна промена во политиката на Кина, пишува ФТ.

Можете да прочитате

Ураганот Милтон носеше се пред себе – најмалку 16 жртви

Службеници на грчкиот остров Крф изнудувале пари од граѓани и бизнисмени

Се запали танкер во Балтичко море – ова се првите слики од пожарот