Утрински Весник
Свет

Израел активираше 1.100 тони експлозив во Либан, предизвикувајќи потрес со јачина од 4,1 степен

Cfcb5a50 705d 44fb 9653 4e80467e7099.jpeg

Израелската армија во четвртокот вечерта спроведе голема операција на ридот Али Тахер, стратешка височинка јужно од Набатије во Либан, при што силните детонации предизвикале потрес регистриран со магнитуда од 4,1.

Според израелскиот портал „Ynet“, армијата тврди дека употребила повеќе од 1.100 тони експлозив за уништување на подземна и тунелска инфраструктура која ја поврзува со Хезболах. Експлозиите биле толку силни што се почувствувале и во Саида, на околу 40 километри од локацијата.


Либанскиот сеизмолошки центар соопштил дека детонациите создале силен ударен бран, додека USGS регистрирал потрес во 21:08 часот по локално време, со епицентар на 13 километри југозападно од Набатије Тахта.

Според експертските проценки, не станува збор за класичен земјотрес предизвикан од движење на тектонски расед, туку за тресење на почвата како последица на огромната експлозија. Сепак, се посочува дека постои минимален ризик вакви детонации да влијаат врз блискиот расед Рум.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека со операцијата била уништена „подземната инфраструктура на Хезболах“ на Али Тахер. Премиерот Бенјамин Нетанјаху, пак, претходно изјави дека израелските сили воспоставиле „оперативна контрола“ над гребенот.

Слична операција била изведена и кон крајот на јули, кога за уништување тунели под ридот Шкиф биле употребени околу 700 тони ТНТ. Тогаш бил регистриран потрес со магнитуда од 3,8.

По најновите експлозии, според „Ynet“, Израел го зголемил нивото на готовност поради можност од иранска одмазда. Во исто време, продолжуваат дипломатските напори за идниот безбедносен аранжман во јужен Либан, а следната рунда разговори меѓу Израел и Либан е најавена за 15 и 16 септември во Рим.

Можете да прочитате

Трамп ја нарече Норвешка „скапана земја“ поради одлуката да не му биде доделена Нобеловата награда за мир

Нуњез: За време на протестите во викендот во Франција, приведени се 1.435 лица, полицискиот час е се уште на сила

Авион во Франкфурт се обидел да полета во погрешна насока