
Заменик министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска имаше обраќање на промоцијата на истражувачкиот извештај „Спречување на штетата во Северна Македонија“, спроведен од УНИЦЕФ, посветен на ризиците со кои се соочуваат децата во дигиталната средина и унапредувањето на механизмите за нивна заштита.
На настанот присуствуваа резидентната координаторка на Обединетите нации во земјава Рита Колумбиа, претставничката на УНИЦЕФ, госпоѓа Лесли Милер, како и претставници на националните институции и меѓународните организации.
Во своето обраќање, заменик министерот Исени го поздрави сеопфатниот и инклузивен пристап на УНИЦЕФ при спроведувањето на истражувањето, во кој беа вклучени институциите, стручната јавност и граѓаните, нагласувајќи дека заштитата на децата во дигиталната средина бара координиран одговор на целото општество.
„Брзата дигитализација отвори огромни можности за комуникација, образование и развој, но истовремено донесе и нови ризици од злоупотреба и експлоатација. Затоа заштитата на децата е заедничка одговорност и само преку партнерство, инклузивност и силна институционална координација можеме да создадеме безбедна дигитална средина за секое дете“, истакна Исени.
Тој посочи дека извештајот овозможува подобро согледување на однесувањето на младите во онлајн просторот, најчестите ризици со кои се соочуваат и областите во кои е потребен поефикасен институционален одговор. Препораките, како што нагласи, претставуваат основа за унапредување на законската рамка, поддршка на професионалците кои работат со деца и подобрување на практичните механизми за превенција и заштита.
Исени потенцираше дека Министерството за внатрешни работи има значајна улога во оваа област преку превентивните активности, подигањето на јавната свест, навременото откривање на ризиците и соработката со домашните институции и меѓународните партнери.
„Ова истражување не е само документ, туку повик за акција. Потребни ни се подобра превенција во училиштата и заедниците, поефикасна размена на информации меѓу институциите, јасни процедури за пријавување и постапување и соодветна поддршка за децата и семејствата. Министерството ќе продолжи да ги унапредува капацитетите на полицијата и да ја зајакнува координацијата со образовните и социјалните служби“, порача заменик-министерот Исени.
На крајот, тој изрази благодарност до УНИЦЕФ, истражувачите, меѓународните партнери и националните институции кои придонесоа за подготовката на извештајот, потенцирајќи дека Министерството за внатрешни работи останува посветено на имплементација на препораките кои ќе придонесат за поголема безбедност и благосостојба на децата во Македонија.


