Утрински Весник
Македонија

Од канцелариите во природа: ИСОС ја обедини сметководствената заедница во акција за пошумување

Foto 6 2.jpg

Голем број волонтери – членови на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) спроведоа акција за пошумување во близина на акумулацијата „Мавровица“, Светиниколско. Пошумувањето е дел од проектот „Зелена трансформација преку пошумување, зелени работни места и младинска инклузија“, што го спроведува ИСОС, со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Зелена младина, зелен раст“.

Во текот на оваа акција за пошумување беа засадени над 4.000 дрвца, како придонес на сметководствената заедница кон обновувањето на зелените површини на претходно опожарениот предел во Светиниколско. 


Пред почетокот на садењето, учесниците во акцијата добија практични насоки од вработени во ЈП „Национални шуми“, за правилно засадување на садниците и за безбедност при работа. Потоа, распределени во групи и со стручна поддршка, се вклучија во пошумувањето на локацијата. Акцијата се реализираше во соработка со Сојузот на извидници на Македонија – „Боренка“ и Македонската развојна фондација за претпријатија, a во садењето се приклучија и дваесетина студенти од Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

„Како сметководители, но и како главни имплементатори на ESG стандардите, секојдневно ја нагласуваме важноста на одговорното управување со ресурсите. Таа одговорност ја имаме и кон природата. Со оваа акција сакаме да придонесеме за обновување на зелените површини и подигнување на свеста за важноста на заштитата на животната средина и одржливоста, а истовремено и да ги поттикнеме колегите да размислуваат за своите секојдневни навики, за намалувањето на потрошувачката на хартија и за примената на одржливи практики во својата работа. Благодарна сум на сите членови на Институтот и партнерите што се вклучија во пошумувањето“, изјави Весна Прентоска, претседателка на ИСОС.  

Акцијата е дел од пошироката цел на проектот на ИСОС за пошумување на деградирани и опожарени површини, развој на зелени вештини и активно вклучување на младите во заштитата на животната средина. Проектот ќе се реализира до февруари 2027 година, а покрај пошумувањето, предвидува и обука за сметководители за еколошките, социјалните и управувачките аспекти на работењето (ESG), како и обука за студенти по сметководство за зелени вештини, циркуларна економија и можности за зелени работни места.

Проектот „Зелена младина, зелен раст“, преку кој е обезбедена поддршката за реализација на оваа акција, е финансиран од Европската Унија, а го спроведуваат Македонската развојна фондација за претпријатија, Junior Achievement („Џуниор Ачивмент“) и Центарот за едукација и претприемништво „Можности“.

Можете да прочитате

МВР го утврди лицето кое упатило закани кон Ландов – ќе следува соодветен поднесок

Стојаноски: Ќе ја поддржиме иницијативата на Пратеничката група на СДСМ за вонредна седница поврзана со семејното насилство

Пет жени убиени секој час од страна на партнер или близок роднина во 2025 година