
Иранските власти извршија смртна казна над двајца мажи осудени за шпионирање во корист на Израел, пренесоа денеска иранските медиуми.
Во извештаите се наведува дека „Омид Бехзад и Пурија Сафват, двајца платеници на ционистичкиот режим“, за време на Рамазанската војна и Дванаесетдневната војна, им испраќале на офицери на Мосад координати, слики и информации за воени и безбедносни центри, пренесе иранската новинска агенција Фарс.
Се наведува дека погубените мажи преку комуникациски канали поврзани со израелската разузнавачка служба Мосад добивале значајна помош во остварувањето на своите задачи.
Во една од пораките, еден од обвинетите му се заблагодарува на Мосад.
„Исто така имам снимка на која пукаат од овој центар кон дрон или борбен авион, но интернетот е слаб и не успевам да ја испратам. Ви благодарам, војници на Неговата Светост Мојсеј“, се наведува во пресретнатата порака што еден од обвинетите ја испратил до центарот на Мосад.

