Утрински Весник
Свет

Хезболах ги отфрли преговорите меѓу Либан и Израел под покровителство на САД

20260626142707 big 730x400 11.webp.webp

Либанското движење Хезболах денеска ги отфрли тековните преговори меѓу Либан и Израел што со посредство на САД се водат во Вашингтон, истакнувајќи дека Израел мора безусловно да се повлече од либанската територија.

– Израел мора да си замине без услови и нема да помине ниту една обврска што го нарушува суверенитетот на Либан. Никој нема право да потпише такво нешто – изјави генералниот секретар на Хезболах, Наим Касем, во телевизиско обраќање.


Тој го повика либанското политичко раководство да настапи единствено на преговорите и да ги отфрли, како што рече, израелските диктати.

– Нема нормализација, нема крај на непријателството, нема придобивки за Израел и нема делумно израелско присуство на либанска територија – додаде Касем.

Изјавата следува откако американскиот Стејт департмент објави дека петтата рунда разговори меѓу Либан и Израел е продолжена за уште еден ден поради несогласувањата околу обемот на израелското повлекување од јужен Либан.

Израелскиот Канал 12 претходно јави дека е постигнат претпазлив напредок во разговорите околу американскиот пилот-план за делови од јужен Либан.

Според „Џерусалем пост“, предлогот предвидува постепено израелско повлекување од одредени подрачја, распоредување на либанската армија и демонтирање на воената инфраструктура на Хезболах.

Главниот спор останува околу тоа каде да започне спроведувањето на планот. Вашингтон и Бејрут се залагаат тоа да биде во областите што ги контролира Израел, додека Тел Авив бара планот прво да се тестира таму каде што нема негови сили.

Израел и натаму окупира делови од јужен Либан, од кои некои со децении, а други беа заземени за време на војната во периодот 2023–2024 година, наведува Анадолија.

Според либанските власти, од 2 март 2026 година, во израелските напади загинале 4.230 лица, повредени се 12.179, а повеќе од еден милион жители биле раселени.

Можете да прочитате

Црвениот крст упати итен апел за помош по разорните земјотреси во Венецуела

Јапонија евакуира 2,2 милиони луѓе поради тајфунот, се затвораат училишта и фабрики

Расте бројот на жртви во Венецуела, десетици илјади исчезнати