Утрински Весник
Македонија

Одбележан Денот на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон

1 1.jpg

Со воена свеченост во касарната „Илинден” во Скопје денеска беше одбележан Денот на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон (ИРб), единица на Армијата препознатлива по високото ниво на обученост, професионалност и подготвеност за извршување сложени извидувачко-разузнавачки задачи.

На свеченоста присуствуваа: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани, заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Командата за обука и доктрини бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на Првата пешадиска бригада бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници на Министерството за одбрана и Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости.


Министерот Мисајловски во своето обраќање пред припадниците на ИРб истакна дека денешниот ден ја симболизира традицијата, континуитетот и патриотизмот на припадниците на единицата, кои се „очите и ушите на нашата Армија”, секогаш први на теренот, секогаш чекор понапред.

„Вашата професија бара врвна психофизичка подготвеност, челична волја, брз ум и апсолутна меѓусебна доверба, нагласувам, тимска работа. Вие секојдневно докажувате дека за овој баталјон не постојат непремостливи препреки – без разлика на теренот, временските услови или сложеноста на задачата”, рече министерот.

Мисајловски се осврна и на активностите на единицата на меѓународен план, посочувајќи на резултатите постигнати на меѓународните воени вежби и натпревари, што, рече, ги прави „вистински амбасадори на македонската Армија и пример за квалитетот на нашиот војник.”

Во своето обраќање, командантот на Командата за операции бригаден генерал Мирче Ѓоргоски ја истакна значајната улога на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон во Армијата, нагласувајќи дека единицата веќе три децении се издвојува со висока обученост, професионализам, дисциплина и примена на највисоките стандарди во обуката.

Осврнувајќи се на резултатите во изминатата година, го потенцираше учеството на припадниците на вежбите „БЛЕСОК 26″, „ЕФЕС 26″ и „Common  Challenge 26″, на кои уште еднаш ги потврдија својата подготвеност, издржливост и интероперабилност со сојузничките армии.

Притоа, тој им порача на припадниците на баталјонот да продолжат со посветена работа и постојано унапредување на своите способности, доследно следејќи го мотото на единицата „Секогаш чекор понапред”.

Командантот на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон потполковник Зоран Цветковски во своето обраќање истакна дека единицата, благодарение на професионализмот, високата обученост и посветеноста на припадниците, претставува современа и флексибилна единица, подготвена за извршување сложени задачи и одговор на современите безбедносни предизвици.

Тој упати благодарност до Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата за континуираната поддршка, како и до припадниците на баталјонот за нивната дисциплина, одговорност и професионализам, нагласувајќи дека унапредувањето на способностите, обуката и модернизацијата остануваат приоритет во натамошниот развој на единицата.

На денешната свеченост беа прочитани телеграми со честитки за денот на единицата, како и наредби за унапредување и стимулативни мерки за припадниците на баталјонот кои постигнале високи резултати во работењето.

Во пресрет на Денот на единицата, припадниците на ИРб реализираа хуманитарна акција и донираа храна во хуманитарната организација „Свети Спас”, наменета за социјално загрозени семејства.

Можете да прочитате

(Видео) Крадци сред бел ден ограбија златарница во Куманово

Пуштените крави од Кривопаланечко ќе се заловуваат и ќе се носат во затворите Идризово и Прилеп

Ужас во Куманово: Татко ја полил собата со запалива течност и се заканувал дека ќе ја запали ќерката