Утрински Весник
Македонија

Гир за распуштањето на Судскиот совет: Правниот нихилизам е атрактивен, но не и најефикасен метод, ги имате препораките од Оценската мисија

20240705113450 Big 730x400 52.webp.webp

Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека правниот нихилизам можеби е атрактивен, но не и најефикасен метод во однос на најавата на Владата за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Гир во интервју за „360 степени“ вели дека нема дилеми дека се потребни суштински реформи во правосудството и ја поздравува намерата на Владата ова да го стави како висок приоритет, но посочува дека има богатство на материјал кој покажува кои се начините за придвижување напред.

– Го имаме Извештајот на Оценската мисија, кој, како што се сеќавате, е од минатата година. Содржи 40 препораки. И има уште многу други документи. Од скрининг-процесот, Извештајот за напредокот, значи има богатство достапни материјали кои покажуваат како да се оди напред. Со нетрпение очекуваме да разговараме за ова во детали, нагласува Гир.

Додава дека ќе мора да разговараат со Владата за тоа што значи најавата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

– Се разбира, постои искушението да се пристапи со она што јас го нарекувам „правен нихилизам“, со други зборови да избришете сè и да почнете од почеток. И тоа е атрактивно и можеби привидно изгледа атрактивно. Но, искуствата покажуваат дека тоа не е најефективниот начин. За Судскиот совет, јасно е што треба да се прави. Ги имаме препораките. Затоа, нашиот совет е да се продолжи, да се има дискусии, да се разговара со сите засегнати страни заедно. Да се надогради она што веќе е постигнато, вели Гир.

Потсетува дека Судскиот совет веќе има усвоено акциски план за спроведување на 17 препораки од Извештајот на Оценската мисија, кои се дел од нивните надлежности.

Вчера премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го ставот на ЕУ и САД пренесен преку нивните претставници во земјава, ги повика да понудат решение.

– Некако стана пракса амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи во државата. Во ред, и да е така, 600.000 граѓани гласаа за оваа коалиција. Очигледно тоа за нив не значи ништо и за политиките на оваа Влада. Истовремено тие велат дека е катастрофална состојбата со владеењето на правото, во нивните извештаи велат дека цути криминалот и корупцијата, довербата во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители е на два-три проценти кај граѓаните, рече Мицкоски во изјава за медиумите дадена во Гевгелија.

Вчера и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на гостување во Канал 5 телевизија рече дека овие две тела од судството „во моментов како да не постојат“ и потребни се сериозни законски измени.

– Сериозни се критиките. Два-три проценти углед значи како да не постоите. Да беа доблесни, да беа етички ќе си поднесеа оставки по тие скандали што се случуваа. Моите забелешки се, и во Венецијанска сме разговарале, дали едно тело или две тела, ама едно е најважно, не треба тие да се бават само со избор и разрешување на судии и јавни обвинители, туку треба претпоставки да создаваат за независно судство. Како ќе создаваат ако не работат, изјави Сиљановска Давкова во гостувањето на „Само интервју“.

Можете да прочитате

Петровска до ВМРО-ДПМНЕ: Не глумете опозиција, власт сте

Случајот е затворен: Родителите на бебето и медицинската сестра се смирија и си подадоа рака

Обвинение за пет лица во случајот „Грчец“