
Министерот за правда, Јетон Шасивари, во рамки на работната посета на Берлин, оствари средба со германскиот државен министер за Европа при Сојузното министерство за надворешни работи, Гинтер Крихбаум.
Средбата претставува значаен дипломатски контакт во период кога земјата интензивно работи на исполнување на обврските од европската агенда, а реформите во правосудството остануваат еден од клучните показатели за подготвеноста за членство во Европската Унија.
Министерот Шасивари ги претстави актуелните реформски активности на Министерството за правда, со посебен акцент на новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка, кои веќе се доставени до Европската комисија за мислење. Станува збор за две значајни законски решенија со кои се настојува да се надминат постојните слабости и да се постават основите за посовремен и поефикасен систем на кривична правда.
Во разговорот беа разгледани предизвиците на европската интеграција, динамиката на реформските процеси и значењето на германската поддршка за европската перспектива на земјата.
Посебно беше истакната потребата реформските обврски да не останат само на ниво на законски измени, туку да резултираат со конкретни подобрувања во функционирањето на институциите и примената на правото.
Германија, како еден од најзначајните европски партнери, има важна улога во поддршката на демократските процеси и институционалниот развој. Продлабочувањето на ова партнерство е особено значајно во период кога земјата се соочува со важни задачи во исполнувањето на европските критериуми.
Средбата во Берлин е дел од напорите за зајакнување на политичката и институционалната соработка со Германија, како и за обезбедување континуирана поддршка на реформите што треба да донесат долгорочни резултати во правосудството.



