Утрински Весник
Економија

Finance Think: Раст на БДП и зголемена инфлација во вториот квартал од 2024 година

10.jpg

Finance Think го публикуваше Макроекономскиот монитор за квартал 2, 2024 година.

Во вториот квартал од 2024, БДП се зголеми за 2.3% на годишна основа, забрзувајќи во однос на претходните квартали. Тоа е во линија со очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор. Сепак, забрзувањето е резултат на забавениот пад на извозот (-2.9%), и повторното интензивирање на падот на увозот (-4.5%), како и на растот на јавната потрошувачка (3.5%). Последното, пак, се поврзува со значајното продлабочување на буџетскиот дефицит од 5.8% за првото полугодие од годината, наспроти првичната годишна проекција од 3.6%. Во вториот квартал, бруто инвестициите забележуваат благ пад (-1.7%), додека приватната потрошувачка расте со благо забавена динамика (1.3%). На производната страна, како и претходно, растот на БДП произлегува главно од растот на услугите (3.6%), иако во овој квартал позитивни движења бележат градежништвото (5.1%) и преработувачката индустрија (0.7%), по падовите во претходните квартали.

Невработеноста во вториот квартал од 2024 понатамошно се намали на 12.5%. За првпат по повеќе квартали, пазарот на труд манифестира помала воздржаност од претходно, имајќи предвид дека се креирани близу 4,500 нови работни места, а активноста на населението се задржа како претходно (52.1%). Сепак, забележливо е дека најголем дел од работните места се создадени во земјоделството и индустријата, додека главните услужни дејности, како трговијата, забележаа намалување на бројот на работни места, и покрај растот на создадената вредност.

Во вториот квартал од 2024, инфлацијата благо забрза на 3.9% (од претходните 3.4%) на годишна основа.Иако овие движења кај цените се во линија со очекувањата за целата 2024 година, преостанатите пренесени ефекти врз цените, потенцијалните варијации кај одредни групи производи, притисокот што доаѓа од стабилниот пазар на труд и растот на платите (13.3%), како и од потезите на фискалната политика, укажуваат на потребата од понатамошна претпазливост.

Благата позитивна динамика на економијата се очекува да продолжи во 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата остануваат релативно поволни, но зависат од се’ уште присутни критични фактори. Finance Think ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2.7% и за раст на цените од 3.8%.

Публикацијата е во прилог, и објавена на следниот линк

Можете да прочитате

Димитриеска-Кочоска: Парите од унгарскиот кредит следната недела ќе легнат на девизната сметка на Министерството за финансии

Камер: Народната банка помогна успешно да се намали инфлацијата, благодарение на одлучноста во својата политика

Трошоците на живот во септември на годишно ниво повисоки за 2.6, а цените на мало за 3.3 отсто