Утрински Весник
Македонија

Нов протест во Крива Паланка: Во сабота граѓаните ќе бараат трајно решение за кравите без надзор

Julijanakravi.jpg

Жителите на Крива Паланка во сабота, 28 ноември, повторно ќе излезат на мирен граѓански протест поради долгогодишниот проблем со добитокот што неконтролирано се движи низ градот и околните села. Собирањето е закажано за 11 часот на магистралниот пат кај Градечки мост, спроти Градскиот парк.

Ова ќе биде втор протест со барање надлежните институции да преземат конкретни мерки за заштита на безбедноста и имотот на граѓаните и да ги спроведат решенијата за одземање на добитокот.


„Пораката е недвосмислена: потребни се дела, јасни рокови и резултати“, се наведува во повикот.

Жителите се жалат на уништени насади, оштетен имот и опасности од движењето на животните по улиците и патиштата. Добиток бил забележан и во училишни дворови. Според локалното население, проблемот трае повеќе од 15 години.

Градоначалникот Сашко Митовски претходно побара од централните власти прогласување 30-дневна кризна состојба. Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека се заловени 96 крави, додека според процените што ги изнесуваат локалните власти, бројот на добитокот што го создава проблемот е околу илјада.

Општината поднесе и кривични пријави поради непостапување по решенијата за одземање на животните.

На претходниот протест, одржан на 21 ноември, граѓаните побараа итна институционална реакција и заштита на нивните семејства и имоти. Митовски тогаш порача дека ќе остане со жителите до спроведување на решенијата, а претседателот на општинскиот Совет, Миле Трајковски, најави порадикални протестни мерки доколку изостане конкретно постапување.

Можете да прочитате

Српски државјанин фатен при шверц на цигари на ГП Богородица

ЛДП: Фатени сте во лага, па сега манипулирате – исплатете на студентите што им следи по закон, или ќе одговарате пред суд!

Левица: Бараме итно ставање на дневен ред на законските измени за заштита од насилство врз жените