Утрински Весник
Македонија

Eкспретседателот на ФФМ, Сејдини, излегува од притвор со гаранција од 1,15 милиони евра

Muamed sejdini ffm.jpg

Основниот кривичен суд Скопје го укина притворот за поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, откако судија на претходна постапка ја прифати понудената гаранција во вредност од над 1.150.000 евра.

Како што соопшти Судот, гаранцијата се состои од засновање хипотека врз недвижен имот. Истовремено, за да се обезбеди неговото присуство во понатамошниот тек на постапката, на Сејдини му е определена мерка на претпазливост – одземање на патната исправа.

Сејдини беше приведен по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, а на 24 април годинава му беше определен 30-дневен притвор поради опасност од бегство и можност да влијае врз сведоци во истрагата. Подоцна, мерката му беше продолжена со одлука на Кривичниот совет.

Тој е осомничен за кривичното дело „Проневера во службата“ од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Од Кривичниот суд информираат дека по барањето на одбраната за укинување на притворот со понудена гаранција, Основното јавно обвинителство дало позитивно мислење. Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот, а бидејќи против решението не била поднесена жалба, тоа станало правосилно.

По правосилноста на одлуката, Муамед Сејдини е пуштен да се брани од слобода.

Можете да прочитате

СДСМ  бара проверка на водата во Велес и во цела Македонија

Грузија победник на осмото издание на Folk Fest Skopje 2026

ДУИ: Признанието на ВЛЕН дека се „страшно слаби“ во Владата е аларм за секој Албанец