Утрински Весник
Култура

„Доаѓаме со поклон“ – изложба на Шејла Камериќ

„Доаѓаме со поклон“ – изложба на Шејла Камериќ

Во вторник, (27 септември), во Чифте амам, со почеток во 19 часот ќе се одржи изложбата на познатата уметница Шејла Камериќ.

dobivaj vesti na viber

Разговорот ќе го води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитријевиќ.

Во пријателска соработка помеѓу КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, за првпат во Северна Македонија имаме чест и радост да ја претставиме Шејла Камериќ, една од најзначајните уметници со огромен број меѓународни референци, со изложбата насловена „Доаѓаме со поклон“. Изложбата е во соработка со Националната галерија „Чифте Амам“, кои како и секогаш го промовираат современиот концепт на отворени јавни институции. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ. Воедно, во рамки на изложбата ќе имаме ретка можност да го проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, низ кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Низ разговорот ќе нѐ води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитријевиќ, но секако Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата, вели организаторот.

КРИК – фестивал за критичка култура и Фестивалот за феминистичка култура и акција – ПРВО ПА ЖЕНСКО, со оваа изложба имаат цел да отворат критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.

Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и пост-структуралистичките гледишта, изложбата исто така има за цел да расветли обични, домашни и познати секојденвни елементи и да им даде нагласок на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата „Доаѓаме со поклон“, коешто прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс-панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ.

Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло изложба во Белград, „Мајката е кучка“, други фотографски дела („Емабаразада“ и „Непознато“) како и дела од сериите „Мажена “, „Исчезната“ и „Дигитални актови“. Исто така ќе содржи и едно ново дело, „Градина со рози“, коешто продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од „Мажена“, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока, појаснува организаторот на изложбата.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“