Утрински Весник
Македонија

Димитриевски ги изнесе условите на ЗНАМ за формирање на идна влада

Maksim.webp.webp

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска ги изнесе условите на партијата за постизборно коалицирање за формирање на идната влада и ги повика граѓаните масовно да излезат на претстојните претседателски и парламентарни избори.

Според него, официјален став на ЗНАМ е дека врвен државен приоритет на овие избори е да се избере претседател на Македонија, со цел да се оневозможи институционална блокада и политичка криза во земјата.

„Ги повикувам граѓаните масовно да излезат на 8 мај и да гласат и за претседателски и за парламентарните избори. Да гласаат по сопствено убедување“, рече тој.

Потоа Димитриевски упати и порака, како што рече, до чесните членови и симпатизери на СДСМ.

„Срцето ме боли кога ве гледам вака исплашени од раководството на мојата поранешна политичка партија како ве држи во заложништво и како сте гневни на сите нив, а молчите. Гневен сум и јас. Сметам дека е етички исправно да направам обид заедно да ги спасиме асномските и крушевските леви вредности и принципи“, рече лидерот на ЗНАМ.

Затоа, како што изјави на раководството на СДСМ ќе му се обрати директно и ќе ги соопшти, како што посочи, кумулативните услови за разговор за евентуална можна соработка.

„Прво, во наредните 24 часа раководството на СДСМ да поднесе комплетни неотповикливи оставки од сите можни функции во партијата. Второ, носителите и коносителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати, а ќе ги преземат кандидатите кои следуваат на листите по нив. Трето, да се обврзат дека ниту тајно ниту јавно нема да продолжат да заговараат соработка со сегашната ДУИ, за навистина, а не само формално, туку и суштински, да покажат дека ја примиле вистински пораката од граѓаните и постапиле веднаш“,рече Димитриевски.

Овие услови, според него, не се за понижување, туку за одговорност на ова раководство на СДСМ, кои, како што рече, овие потези требало да ги повлече многу одамна. Доколку ова не се случи, според него, никој од раководството на СДСМ нема право да му се обрати на ЗНАМ.

Димитриевски упати порака и до ВМРО-ДПМНЕ дека се согласува со нивните програмски определби дека не прифаќаат уставни измени под бугарски диктат и не прифаќаат соработка со ДУИ.

„Тоа се наши ставови. Први излеговме зад тој став и ќе стоиме зад тоа. Се наметнува една дилема која на ЗНАМ му е важно да биде расчистена во целост пред работните групи да разговараат за можна идна соработка. Барам да потврдите дека не е точно дека дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ заговара јавна или тајна соработка со поранешниот премиер Зоран Заев преку неговите фикс кандидати за пратеници, како што е Венко Филипче и други за обезбедување на двотретинско мнозинство во новиот собраниски услов, со што се имплицира дека селективна правда ќе има во наредната влада“,рече Димитриевски.

Можете да прочитате

Судскиот совет му го одзема имунитетот на врховниот судија Георгиев и одобри негов притвор

Сончево и топло, попладне локално дожд и грмежи

Судскиот совет со 10 гласа „ЗА“ ја исклучија јавноста од седницата