Утрински Весник
Македонија

Герасимовски: Планот за „Барутана“ ќе оди на дополнителни стручни анализи

Img 6426.jpeg

За заштитата на Водно и зелените површини нема компромис, а Општина Центар нема да дозволи донесување детален урбанистички план на штета на граѓаните. Ова го порача градоначалникот Горан Герасимовски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, осврнувајќи се на реакциите околу планот за „Барутана“.

Герасимовски истакна дека дополнителните стручни анализи не се резултат на политички притисоци, туку се дел од постапката со која општината треба да обезбеди законско и безбедно урбанистичко планирање.


Според него, од почетокот било предвидено прво да се разгледа нацрт-планот, а во продолжение на постапката да се обезбедат потребните позитивни мислења од надлежните институции.

„Ние бевме решени да го спроведеме само нацрт-планот, а при продолжување на процесот да ги побараме сите позитивни мислења од сите релевантни институции. Секако дека нема да ставиме детален урбанистички план на штета на граѓаните“, нагласи Герасимовски.

Тој посочи дека предложените решенија предвидуваат намалување на дел од претходно утврдените параметри за градба. Тоа, како што објасни, може да влијае врз сопствениците на земјиште кои според старите планови имале поголеми можности за изградба.

Осврнувајќи се на политичките реакции за „Барутана“, Герасимовски рече дека за ова прашање во повеќе наврати разговарал и со претседателот на партијата. Сепак, нагласи дека политичките ставови треба да се разграничат од законските обврски на општината.

„Тоа е политичка изјава. Јас можам да кажам што ние како општина ќе направиме и кои се нашите законски обврски“, рече тој.

Градоначалникот порача дека заштитата на Водно и зеленилото останува приоритет при носењето урбанистички одлуки.

„Кога станува збор за Водно, кога станува збор за зеленило, нема компромис. Тука водиме голема сметка и ги проверуваме работите повеќепати“, истакна Герасимовски.

Според него, следните чекори за планот ќе зависат од законските процедури и мислењата на стручните институции, со внимание на правата на сопствениците и заштитата на животната средина.

Можете да прочитате

Герасимовски: Го разбирам незадоволството на ,,платформатаʼʼ, предлозите треба да се дискутираат во партијата

Герасимовски бара построги услови за откуп на државното земјиште

Герасимовски: Мораториумот не ја постигна целта, над 300 барања за градба чекаа во Центар