Утрински Весник
Македонија

Дали организаторите на „Охридско лето 2026“ годинава ги изоставија турските и албанските ансамбли?

Salim kerimi.jpeg

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија

Деновиве имав прилика да ја разгледам програмата на 66. издание на реномираниот меѓународен фестивал „Охридско лето“, при што констатирав дека меѓу 45-те планирани програмски содржини не фигурира ниту еден настап на турски ансамбл, ниту од Македонија ниту од Република Турција. Имајќи го предвид тоа, неминовно се наметнува прашањето: дали неучеството на ниту еден турски и речиси ниту еден албански музички или драмски ансамбл е резултат на тоа што тие воопшто не биле поканети, или, пак, поканите биле испратени, но не наишле на интерес?
„Охридско лето“ со децении претставува најзначајната македонска, меѓународно реномирана културна манифестација и препознатлив фестивал што треба да ги претставува највисоките дострели на музичката, балетската и драмската уметност, но истовремено и да ја афирмира културната разновидност и меѓународната соработка. Токму затоа неговата програмска политика секоја година привлекува големо внимание.

Според годинашната програма, публиката ќе има можност да проследи настапи на бројни уметници и ансамбли од земјите во регионот, Европа и светот, но не и од Република Турција, ниту, пак, на турски или албански ансамбли од Македонија. Со исклучок на настапот на светски познатата албанска опреска сопрано пеачка, Ермонела Јахо (Ermonela Jaho) на свеченото отворање на фестивалот, на годинешното издание на „Охридско лето“, исто така, не учествува ниту еден друг ансамбл од Албанија или од Косово.

Овој факт отвора повеќе прашања отколку што нуди одговори. Дали организаторите воопшто размислувале за вклучување на турски и албански ансамбли во официјалната програма? Дали биле воспоставени контакти со релевантните институции и ансамбли во наведените земји? Дали биле испратени покани? Или, пак, програмската концепција уште од самиот почеток ги исклучила овие културни средини од можноста да бидат дел од фестивалот?

Доколку покани воопшто не биле испратени, тогаш сосема оправдано се поставува прашањето дали таквата програмска политика е во духот на мултикултурниот карактер на македонското општество и на меѓународниот углед што „Охридско лето“ го гради повеќе од шест и пол децении.

Особено зачудува фактот што и Турција и Албанија располагаат со светски реномирани симфониски оркестри, оперски и балетски солисти и ансамбли, камерни состави, театарски трупи и бројни традиционални музички ансамбли кои успешно настапуваат на најпрестижните европски фестивали, вклучително и на „Охридско лето“ од претходните години.

Дополнителна тежина на ова прашање му дава и фактот што Република Турција е долгогодишен пријател и значаен партнер на Република Македонија и во областа на културата, образованието и заштитата на културното наследство. Истото важи и за Република Албанија, со која нашата земја развива културна и регионална соработка. Оттаму, сосема е логично да се очекува ова партнерство да најде свој одраз и во програмата на најзначајниот македонски фестивал.
Воедно, не треба да се заборави дека турската и албанската заедница се составен дел од македонското мултикултурно општество. Отсуството на нивни ансамбли од фестивалската програма остава впечаток дека не е посветено доволно внимание на културната разновидност, која претставува едно од најголемите богатства на државата.

Секако, никој не бара фестивалската програма да се составува според етнички клуч или политички критериуми. Единствениот критериум треба да остане уметничкиот квалитет. Но, кога одредени национални културни средини целосно или речиси целосно отсуствуваат од програмата, природно е јавноста да се запраша дали тоа е резултат на објективни околности или на програмски избор.

Со други зборови, доколку во годинешната програма, покрај другите содржини, се предвидени Словачка, Австриска, Шпанска, Британска, Италијанска, Француска, Холандска, Вечер на Европската Унија, Унгарска и Полска вечер, зошто да не бидат организирани и Турска и Албанска вечер?

Фетивалот „Охридско лето“ отсекогаш бил симбол на културниот дијалог, отвореноста и меѓународната размена. Затоа е сосема оправдано да се очекува во идните фестивалски изданија да се обезбеди поширока застапеност на врвни ансамбли и уметници од сите етнички заедници во Македонија, како и од сите земји со кои Македонија негува традиционални културни врски. Само така фестивалот ќе продолжи да го оправдува својот меѓународен углед и својата мисија да биде вистински мост меѓу различните култури.

Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


Можете да прочитате

„Ќе те убијам ако не лажеш за мене!“ – сопруг ја тероризирал сопругата затоа што не сакала да го смени исказот пред обвинителството

Филипче: Нов скандал, документи откриваат загадена вода со колиформни бактерии во болницата во Лешок

Работник ги нападнал газдите со нож заради неисплатени дневници, поведена постапка