
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на панелот “Engineering the Infrastructure of Energy Security” во рамки на Delphi Economic Forum, каде заедно со високи владини претставници и лидери од енергетскиот сектор се дискутираше за иднината на енергетската безбедност во регионот.
Во своето обраќање, министерката Божиновска нагласи дека земјата влегува во нова фаза на енергетско позиционирање:
„Денес, ние свесно се позиционираме како регионален енергетски јазол што ги поврзува пазарите, изворите и партнерите. “
Таа ја претстави стратегијата базирана на три клучни столба:
– Интерконекторот со Грција, како директен пристап до алтернативни извори на гас и LNG терминали
– Соработката со Србија, која отвора северен коридор и овозможува двонасочен проток
– Партнерството со САД преку LNG иницијативата, со што се зајакнува енергетската независност
„Енергетската политика без инфраструктура останува само декларација. Со изградбата на овие коридори ја намалуваме ранливоста, создаваме поконкурентни цени и се позиционираме како транзитна земја што додава вредност. “
Министерката потенцираше дека новата улога на земјата не е само транзитна, туку стабилизирачка за поширокиот регион:
„Не сакаме да бидеме периферен пазар – туку сигурен партнер во европската енергетска мрежа. “
Во однос на енергетската транзиција, Божиновска истакна дека пристапот на државата е прагматичен и насочен кон сигурност:
„Нема енергетска транзиција без сигурност – и нема сигурност без диверзификација. Географијата сама по себе не е предност ако не се претвори во политика. Нашата цел е да станеме фактор на стабилност на регионалниот пазар на електрична енергија.“
Со зајакнувањето на јужните и северните енергетски коридори, Северна Македонија се позиционира како активен учесник во стабилизирањето на енергетските текови во регионот.
Клучната порака која Божиновска ја испрати од Делфи е јасна:
Градиме енергетски систем кој е диверзифициран, поврзан и стратешки релевантен – со улога што ќе го дефинира нашето место во Европа во децениите што следат.

