Утрински Весник
Свет

Борел: Прекинувањето на финансиската помош за УНРВА би било опасно

1706611790 Unnamed File.webp.webp

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, изјави дека откажувањето на финансиската помош на Агенција за палестински бегалци (УНРВА) би било непропорционално и опасно.

-УНРВА е клучна во обезбедувањето помош за повеќе од милион луѓе во Газа кои страдаат од катастрофален глад. Откажувањето на средствата би загрозило стотици илјади животи – наведе Борел во текстот објавен на неговиот блог.

Тој нагласи дека се сериозни обвинувањата против персоналот на УНРВА за соучесништво во нападите врз Израел на 7 октомври, велејќи дека никој од одговорните не треба да остане неказнет.

-Сепак, УНРВА веднаш реагираше и на обвинетите вработени им беа раскинати договорите. Истрагата од страна на Канцеларијата за внатрешен надзор на ОН е во тек и уверен сум дека таа ќе биде дополнета со почеток на независна надворешна истрага пред следната исплата од Европската комисија која да треба да заврши на крајот на месецот. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш ме увери дека Обединетите нации му даваат на ова прашање важноста што ја заслужува. Целосно му верувам – напиша Борел.

Тој изјави дека прекинот на работата на УНРВА ќе претставува сериозен ризик за регионалната стабилност.

-Агенцијата на ОН не само што обезбедува основни услуги во Газа, која е разрушена од војна, туку обезбедува и здравствена заштита, образование и други витални услуги за приближно 5,6 милиони палестински бегалци на Западниот Брег, Јордан, Либан и Сирија. Исплаќа плати на речиси 30.000 вработени, од кои повеќето се наставници, лекари и медицински сестри. Обезбедува образование за околу 250.000 деца во над 420 училишта, помош во храна за околу 900.000 луѓе и пристап до здравствена заштита за речиси два милиони пациенти – нагласи високиот претставник на ЕУ.

Тој додаде дека УНРВА на Блискиот Исток се доживува како „гаранција за посветеноста на меѓународната заедница за политичко решение за Палестинците“, како и дека Агенцијата на ОН игра клучна улога во „придонесот за стабилноста на поширокиот регион“.

-Секое намалување на финансиската помош за УНРВА ќе го зголеми притисокот врз Западниот Брег и арапските соседи на Израел во време на продлабочување на социо-економската криза и сè понестабилна безбедносна ситуација – рече Борел.

Можете да прочитате

Макрон им посака добредојде на светските лидери кои присуствуваат на отворањето на ОИ

Канада, Австралија и Нов Зеланд бараат од Израел веднаш да ги прекине операциите во Газа

Meta затвори 63.000 профили на Instagram поврзани со измама и уцена