Утрински Весник
Македонија

Богдановиќ за формирањето на СДЛ: Не најдовме разбирање за прашањата на српската заедница

Img 8981.jpeg

Поголема застапеност на Србите во институциите и повеќе можности за изучување на српскиот јазик, историјата и културата се меѓу приоритетите на новата политичка партија Српска демократска лига (СДЛ), изјави Саша Богдановиќ во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Богдановиќ рече дека идејата за формирање на партијата постоела подолго време. Претходно, како што посочи, разговарале со постојните политички партии за прашањата што ја засегаат српската заедница.


„За жал, не најдовме разбирање и едноставно не се најде слух за работите кои сакавме да ги промениме, поврзани со културата, историјата, образованието, местото на Србите во Македонија, колку се застапени и каде и како“, рече Богдановиќ.

Според информациите што ги изнесе, во повеќе од 40 општини има можност српскиот јазик да се изучува како изборен предмет, но училиштата не спроведуваат анкети за да утврдат колкав е интересот. Како пример ја посочи Општина Центар, каде што, за време на неговиот градоначалнички мандат, околу една третина од 545 ученици во трето одделение покажале интерес за изучување на српскиот јазик и култура.

Богдановиќ оцени дека е загрижувачки што во моментов околу 150 ученици посетуваат факултативна настава по српски јазик. Најави дека СДЛ ќе се залага учениците да имаат можност да го изучуваат српскиот како задолжителен предмет по мајчин јазик, додека наставата по останатите предмети би се одвивала на македонски.

Меѓу иницијативите на партијата е и именувањето улици по личности од српската заедница кои дале значаен придонес за Македонија во културата, музиката и историјата.

Богдановиќ додаде дека СДЛ е отворена за соработка со сите политички субјекти, вклучително и со партиите на другите етнички заедници, за заедничко решавање на прашањата од интерес на граѓаните.

Можете да прочитате

Богдановиќ: Вучиќ ужива голема доверба кај граѓаните во Македонија

Богдановиќ: Во СДСМ ме критикуваа затоа што го поддржав повикот на Црвенковски за дебата за францускиот предлог

Богдановиќ: СДСМ веќе не е СДСМ – го обвини раководството за србофобија