
Пратеникот на СДСМ, Димитар Ковачевски, постави пратеничко прашање до министерката за образование и наука , Весна Јаневска, за ефектите од оптимизацијата на училишната мрежа, затворањето и спојувањето на паралелките, како и прераспределбата на наставниот кадар.
Ковачевски посочи дека демографските промени и намалувањето на бројот на ученици бараат долгорочно планирање, но побара одговор дали спроведената реорганизација навистина обезбедува подобри услови за образование или првенствено значи намалување на трошоците.
Тој побара конкретни податоци за бројот на ученици кои се префрлени во други училишта, растојанијата што треба да ги поминуваат, обезбедувањето бесплатен и безбеден превоз, условите во училиштата и статусот на наставниците кои се опфатени со прераспределбата.
Воедно, побара одговор дали постои план за задржување на искусниот наставен кадар во образовниот систем и дали ефектите од реформата ќе се мерат преку квалитетот на образованието и резултатите на учениците.
Во продолжение, интегрално го пренесуваме пратеничкото прашање на Димитар Ковачевски:
Оптимизацијата на училишната мрежа ја најавувате како една од клучните реформи во образованието, со образложение дека демографските промени, намалувањето на бројот на ученици и нерационалното користење на ресурсите бараат поинаква организација на училиштата и наставниот процес.
Никој не може да го оспори демографскиот проблем со кој се соочува државата.
Но, исто така, не може да се прифати дека секое намалување на бројот на училишта или паралелки автоматски значи подобрување на квалитетот на образованието. Напротив, вистинското прашање е дали со оваа реорганизација децата добиваат подобри услови за образование или само се намалуваат трошоците на образовниот систем.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека на почетокот на учебната 2025/2026 година во редовното основно образование биле запишани 3,6 проценти помалку ученици во однос на претходната учебна година.
Истото се случува и во средното образование, како и со намалувањето на бројот на првачиња запишани во оваа учебна година. Сето тоа е резултат на демографските фактори во изминатите децении во државата.
Овие податоци јасно укажуваат дека демографските промени имаат сериозно влијание врз образовниот систем и дека е потребно долгорочно планирање.
Но, податоците што самото Министерство ги објави на 8 мај годинава отвораат и други важни прашања.
Според Министерството за образование, две третини од училишните објекти се подрачни училишта, а во нив учат само 12 проценти од вкупниот број ученици.
Дополнително, во околу 100 училишни објекти во руралните средини учат помалку од пет деца. На 28 мај беше соопштено дека во 147 подрачни училишта во претходната учебна година немало ниту еден запишан ученик.
Потоа, на почетокот на новата учебна година, Министерството информираше дека се намалени вкупно 433 паралелки, дел во основното, а дел во средното образование, додека 26 подрачни училишта привремено се затвораат, а вкупно 148 училишни објекти практично се празни.
Истовремено, според вашите најави, наставниците треба да бидат прераспределени, доквалификувани или преквалификувани, а учениците од затворените училишта треба да продолжат со образованието во други училишни објекти.
Најавивте и дека децата нема да мора да патуваат на големи растојанија и дека ќе бидат обезбедени соодветни услови за продолжување на наставата.
Меѓутоа, досега јавноста нема целосна и транспарентна слика за реалните ефекти од оваа реорганизација.
Нема доволно информации за тоа колку ученици секојдневно патуваат подалеку, дали има организиран превоз, колку наставници навистина се прераспределени и дали во училиштата каде што се префрлени учениците постојат соодветни просторни и кадровски услови.
Затоа сметам дека е неопходно оваа реформа да се оценува и според резултатите за учениците, а не само според бројот на затворени објекти, споени паралелки и намалени трошоци.
Моето прашање до вас е поделено во две целини. Едната целина е насочена кон учениците, а втората кон наставниците.
Прво, какви се конкретните резултати од оптимизацијата на училишната мрежа во учебната 2026/2027 година?
Колку училишта и паралелки се затворени или споени, колку ученици се префрлени во други училишта и колку од нив треба да патуваат подалеку од местото на живеење?
Дали Министерството има направено анализа за просечното и максималното растојание што овие деца сега го поминуваат до училиштето, колку време им е потребно за секојдневно патување и дали за сите ученици е обезбеден бесплатен, организиран и безбеден превоз?
Исто така, дали училиштата во кои се префрлени учениците имаат доволен просторен капацитет, соодветни услови, потребен наставен кадар и можности за продолжен престој?
Дали постои посебна проценка за влијанието на оваа реорганизација врз децата од социјално ранливите семејства и од оддалечените рурални населени места?
И второ, во однос на наставниците, какви се конкретните резултати од најавената мобилност на наставниот кадар?
Колку наставници досега биле опфатени со прераспределување? Колку добиле ново работно место? Колку се во постапка на доквалификација или преквалификација? Колку сè уште немаат решен работен статус?
Колку наставници се прераспределени во предучилишното образование, имајќи предвид дека самото Министерство го посочува проширувањето на опфатот на децата во предучилишното образование како важен приоритет?
Дали постои конкретен план со рокови и финансиски средства за задржување на овие наставници во образовниот систем, наместо оптимизацијата да доведе до губење на искусен наставен кадар?
Од вас очекувам конкретни бројки, податоци и резултати за досегашната реализација, а не повторување на целите и очекуваните придобивки од реформите.
Затоа што на крајот, суштинското прашање е едноставно:
Дали оптимизацијата навистина им обезбедува поквалитетно образование на децата, кое ќе резултира со подобри резултати на ПИСА и на другите релевантни меѓународни тестирања за споредба на знаењето на децата согласно образовните системи, или само создава поевтин образовен систем?

