Утрински Весник
Економија

Битиќи и Деспотовски во Франкфурт: Северна Македонија нуди компетитивни и предвидливи услови за странските инвеститори

Битиќи и Деспотовски во Франкфурт: Северна Македонија нуди компетитивни и предвидливи услови за странските инвеститори

„Интересот кој беше пројавен од претставниците на германската бизнис заедница, нѐ прави уверени дека германските компании ќе продолжат активно да учествуваат во технолошкото унапредување, одржливиот раст и развој на нашата економија“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

dobivaj vesti na viber

Битиќи, кој престојува во Франкфурт, заедно со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Јован Деспотовски, пред претставниците на германската индустрија, компании од повеќе сектори, ги претстави можностите за инвестирање во нашата држава, за владините мерки и поддршката која странските компании ја добиваат.

„Го истакнавме високото ниво на економска соработка помеѓу Северна Македонија и Германија, како одлично искуство и за понатамошно зголемување на бројот на германски компании, кој е повеќе од 200, кои имаат реализирано инвестиција и вработуваат над 22.000 граѓани, на кои редовно им се исплатуваат конкурентни плати“, изјави Битиќи.

Тој посочи дека германските компании се од голема помош во делот на прилагодувањето на стандардите во македонската економија со тие на ЕУ.

„Она што е важно, зборуваме за технолошки напредни компании, етаблирани на глобалните пазари, кои своите успеси не ги темелат на евтина работна сила, туку на човечки ресурси кои се одликуваат со напредно знаење, иновативност, со изградени вештини да бидат дел од најсовремени технолошко производствени процеси“, изјави Битиќи.

Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, подвлече две клучни пораки од денешните средби со германски компании.

„Прво дека Северна Македонија е стабилна држава, мала но флексибилна која може да се прилагоди на барањата на инвеститорите, а тоа истовремено да е во корист на граѓаните, и второ, уште поважно е дека во земјата имаме вредни и трудољубиви луѓе. Но нашата јасна порака е дека тие треба да се платат“, рече Деспотовски, и најави нови германски инвестиции во земјата.

Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство, информираше дека 25 германски компании беа дел од тркалезна маса која се одржа во германската комора во Франкфурт, претежно компании од финансискиот сектор, металопраработувачка индустрија, ИТ секторот и инвестициски консалтинг, и беа позитивно изненадени од можностите кои ги нуди Северна Македонија.

„Најмногу се интересираа за едуцираниот кадар, инфраструктурата, и за кадарот со стручно образование. Дел од компаниите веќе се присутни на пазарот и се интересираат за понатамошни можности, за дел од нив земјата е нов пазар кој разбуди сериозен интерес“, изјави Ванделт.

Инаку, вицепремиерот Битиќи заедно со директорот на дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Јован Деспотовски престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, при што во понеделник во Франкфурт се потпиша договор со германската компанија за производство на литиум-јонски батерии „БМЗ“, за реализација на нова германска инвестиција во Северна Македонија, која ќе обезбеди над 750 нови вработувања.

Можете да прочитате

Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка, првата класа за 40 денари по килограм

Дурмиши: Ќе донесеме одлука за минималата плата која ќе ги задоволи сите засегнати страни

Фајненс тинк изразува загриженост за зголемување на дефицитот