Утрински Весник
Македонија

Бабовски: Влашкиот народ никогаш не бил само нем посматрач на историјата, туку активен градител на цивилизациските вредности

Image 2026 05 23 112905938.png

Денес, со гордост и длабока почит го одбележуваме 23-ти Мај – Националниот ден на Власите. Овој историски датум, кој не враќа во далечната 1905 година и султанскиот указ (Ираде) за признавање на влашкиот идентитет, е симбол на нашата вековна борба за зачувување на својот јазик, култура и посебност.

Влашкиот народ на овие простори, но и во поширокиот европски контекст, никогаш не бил само нем посматрач на историјата, туку активен градител на цивилизациските вредности. Како автентичен, космополитски народ, низ вековите дадовме неповторлив придонес во економијата, занаетчиството, дипломатијата и културата. Нашата традиција е длабоко вткаена во темелите на оваа држава, за чиј напредок и слобода секогаш сме несебично соделувале.


Но, Власите не се само минато – тие се сегашност и иднина. Денес, како лојални граѓани, ние сме целосно интегрирани во модерните општествени и европски текови. Преку нашите успешни бизнисмени, интелектуалци, уметници и млади луѓе, продолжуваме да бидеме мост на поврзување, промотори на соживот и важен двигател на демократските процеси.

Како претседател на Демократскиот Сојуз на Власите, порачувам дека нашиот фокус останува врз зачувувањето на уникатниот влашки јазик како европско културно богатство и унапредување на нашите права во едно модерно и праведно општество.

Во име на Демократскиот Сојуз на Власите и во свое лично име, им го честитам 23-ти Мај на сите припадници на влашката заедница.

Нека е честит и вековит Националниот ден на Власите! – стои во четитката на претседателот на Демократскиот сојуз на Власите, Никола Бабовски, по повод Националниот ден на Власите 23-ти Мај.

Можете да прочитате

Возел без дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено светло, приведен гостиварец

Учество на министерот Муцунски на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Хелсингборг

Циклон од југоисток ни носи невреме во Македонија за време на овој викенд