Утрински Весник
Македонија

МЗ информира за епидемиолошката состојба на подрачјето на Гостивар

20260717133645 big 730x400 69.webp.webp

Министерството за здравство ја информира јавноста дека надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар.

Во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар се регистрирани:


– 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани;

– 140 прегледи на Педијатриското одделение, од кои 105 нови и 35 контролни;

– девет прегледи во Ургентниот центар.

Клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани лица останува низок. Сепак, поради зголемениот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности.

Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гостивар врши теренски увиди, епидемиолошки анкети и прибирање податоци од заболените. Досега се доставени околу 140 формални пријави за заразна болест, кои се обработуваат од страна на епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје.

Институтот за јавно здравје е вклучен во истражувањето со стручна и лабораториска поддршка, а заедничките тимови продолжуваат со анкетирање на заболените, анализа на можните заеднички изложувања и микробиолошко испитување на земените примероци.

Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, надлежен за прогласување епидемија на подрачјето на Гостивар е Центарот за јавно здравје Тетово. По спроведените теренски увиди, епидемиолошки анкети и консолидација на пристигнатите пријави, надлежниот Центар денес ќе донесе соодветна одлука.

Во тек се:

– епидемиолошко истражување и активно следење на новите случаи;

– микробиолошки испитувања на примероци од пациенти;

– испитувања на примероци од водата и процена на можните извори на зараза;

– надзор над водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови;

– координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.

Министерството за здравство апелира граѓаните да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете, а лицата со повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош.

Јавноста ќе биде редовно и транспарентно информирана за лабораториските резултати, движењето на бројот на заболени и за сите дополнителни мерки што ќе бидат преземени.

Можете да прочитате

Трагедија кај границата со Косово: Пронајдени мртви тројцата исчезнати патници од Скопје

Клековски: И натаму има 250 до 300 нови случаи дневно во Гостивар, анализите на водата готови утре

СДСМ: ВМРО-ОКГ со децении ја управуваше Македонија, а сега бара уште 6 години за Охрид