Метео анализа на Славчо Попоски:
До крајот на денов во Македонија на повеќе места ќе има повремени врнежи од дожд, локално поројни и проследени со ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец, особено изразен долж Повардарието.
Што се однесува до температурите, тие ќе бидат под просекот за средината на месец мај, и ќе се искачуваат во интервалот од 10 до 17 степени. Во Скопје и околината исто така до крајот на денов ќе има повремен дожд, а ќе дува и умерен до засилен ветер од југоисточен правец.
Температурата ќе се искачи до околу 14-15 степени. Потоа, утре ќе имаме краткотрајна стабилизација на времето, додека од сабота кон крајот на денот и во текот на ноќта кон недела влегуваме во нов период на многу нестабилно време, со честа појава на локален пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локално невреме.
Температурите утре, а особено за време на викендот позначително ќе се покачат, и тоа поради влијанието на топлиот бран од Африка кој го најавуваме веќе подолго време. Максималните дневни температури за време на викендот ќе се искачуваат во интервалот од 24 до 30 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели тие ќе се искачат до околу 31-32 степени. Во Скопје за време на викендот температурата ќе се искачи до околу 30-31 степен.
Поради загреаната Атмосфера и исполнета со енергија, токму поради топлиот бран од Африка, за време на викендот, како и во почетокот на следната недела во Македонија ќе се создадат услови за локално посилно невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време, бурен ветер, силни и чести електрични празнења, како и со појава на покрупен град.