Утрински Весник
Македонија

Ахмети од Гостивар побара ветинг за сите функционери и порача дека нема да го смени Артан Груби

Ахмети од Гостивар побара ветинг за сите функционери и порача дека нема да го смени Артан Груби

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети и неговите најблиски соработници продолжија со средбите со граѓаните и партиските активисти како одговор на „Огнената група“ на ДУИ предводена од Изет Меџити која интензивно разговара со базата на членови на ДУИ.

dobivaj vesti na viber

Од Гостивар Ахмети им порача на своите членови дека не корумпира власта, туку стравот од губење на власта.

„Власта не корумпира, стравот корумпира, стравот од губење на власта, кои се нашите мисии, нашите задачи и нашите работни места, да бидеме повеќе посветени, да бидеме поангажирани, не само на телевизиските екрани и тв дебатите, туку и со конкретна активност и посветеност и борба против криминалот и корупцијата бидејќи има и луѓе кои велат дека се плашат да не ја загубат власта, а потоа прават лоши работи.

Зошто бараме ветинг? Да престанат сите гласини и приказни и да им дозволиме на правосудните органи да одговорат кои се оние кои ја злоупотребуваат довербата, сакаме правда, убаво филтрирана за да биде веродостојна и доверлива за одлуките што се носат. Ги повикуваме и другите страни да најдат заеднички пат за нужно да го почнеме ветингот и чесно да го завршиме, затоа што само така можеме да одиме напред, со ветинг на секој политичар, секој законодавец и спроведувач на законот и секој функционер од централно до локално ниво.

Можете да протестирате колку сакате на Запад, но Западот не дозволува анархија, нема анархија на Запад, анархистите се мали групи кои кршат прозорци и обојуваат институции. Ги слушам и внимателно ги следам реакциите во врска со измената на Уставот, политичките партии имаат должност да ја едуцираат масата затоа што оваа држава е силна со Македонци и Албанци, во оваа држава лојалноста кон државата зависи од тоа колку државата e лојалнa кон граѓаните“, рече првиот човек на ДУИ, Али Ахмети.

Тој им порача на „огнeните“ дека нема намера да го смени првиот вицепремиер Артан Груби.

„Сега велат, тргни го Артан. Нема да го сменам затоа што тоа е одлука на мнозинството“, порача Ахмети.

Првиот вицепремиер Артан Груби кој деновиве е на мета на незадоволната „огнена група“ во ДУИ се пофали со се она што сработила ДУИ како дел од владите во последните две децении.

„Направивме се од Охридскиот рамковен договор како официјализирање на јазикот и знамето, администрација која изнесува 21%, три универзитети и сите други достигнувања што ги направивме заедно. Ја пропуштивме само границата Љојан – Миратоц, која требаше да се потпише пред празниците, но поради тамошната политичка криза, верувам дека наскоро ќе ја поминеме.

Сакам да споделам со вас една несекојдневна вест која ја немавме во програмата, но гледајќи ги можностите што можеме да направиме, решивме и го потпишавме меморандумот со Бехтел Енка за Коридорот 8, што значи целосно уривање на автопатот Тетово – Гостивар. Нов пат со три ленти од секоја страна и спореден пат кој ќе ги поврзува селата, кон Кичево и автопатот што поврзува со Охрид, наскоро ќе имаме врска од Скопје до границата со Албанија“, истакна Артан Груби пред присутните.

Орце Костов

Можете да прочитате

Напад со остар предмет во автобус во Скопје

На 6ти февруари ќе започнат преговорите за инфраструктурниот Коридор 8

Почина Гоце Камчев, основач и претседател на „КАМ маркет“