
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против припадник на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, кој беше пријавен за семејно насилство врз сопругата.
Станува збор за припадник на претходницата, против кого се води постапка за кривично дело „Телесна повреда“, а обвинителниот предлог е доставен до Основниот кривичен суд Скопје.
Од ОЈО ГОКК информираат дека инцидентот се случил по претходна вербална расправија во семејниот дом, при што обвинетиот физички ја нападнал сопругата пред очите на нивната малолетна ќерка.
„Обвинетиот ја удирал оштетената по лицето и главата, ја фатил за вратот и почнал да ја дави, при што ѝ нанел телесни повреди и психичка вознемиреност“, соопштија од Обвинителството.
Според информациите, жената успеала да се засолни во тоалет, а подоцна, кога се обидела со детето да го напушти домот, обвинетиот ѝ го одзел и оштетил мобилниот телефон.
Таа заедно со малолетната ќерка побарала помош кај сосетка, која ги примила во својот дом.
Обвинителството бара продолжување на мерката притвор, наведувајќи дека постои опасност обвинетиот да избега или да го повтори делото.
„При тоа е земено предвид дека обвинетиот живее во заеднички семеен дом со оштетената и нивната малолетна ќерка, пред чии очи било извршено насилството“, додаваат од ОЈО ГОКК.



