Атина, 25 март 2020 (МИА) – Поранешниот грчки премиер и претседател на Социјалистичката интернационала, Јоргос Папандреу и поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос ја поздравија вчерашната одлука на ЕУ за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, јави дописничката на МИА од Атина.
Папандреу преку неговиот официјален „Твитер“ профил оцени дека е тоа е позитивна порака, а Катругалос во писмена изјава вели дека е исправена големата грешка на ЕУ.
– По многу одложувања, ЕУ даде зелено светло за пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Позитивна порака, толку потребна во овие тешки времиња, напиша Папандреу на „Твитер“.
Поранешниот шеф на грчката дипломатија, а сега надлежен за надворешна политика во опозициската СИРИЗА, Јоргос Катругалос, вели дека одлуката придонесува за стабилноста и развојот на двете земји.
– Одлуката на Советот за општи работи за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија ја исправа големата грешка на ЕУ. Главно, во најкритичен момент, придонесува одлучувачки за стабилноста и развојот на Албанија и Северна Македонија, а отвора и едно ново поглавје за мир и соработка на Балканот и пријателство меѓу нашите народи. Во период кога Грција се соочува со големи глобални и регионални предизвици, од особена важност е што со Договорот од Преспа, се запре брзиот тек на дестабилизација и отуѓување од ЕУ на земјите што се на нашата северна граница, вели Катругалос.
Во однос на Албанија, тој упатува критики за позицијата на актуелната грчка Влада. ср/сп/