Пустец, 21 февруари 2020 (МИА) – Македонско друштво „Илинден”-Тирана во соработка со претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) и пратеник во албанското Собрание, Васил Стерјовски, обезбедија донација во ИТ опрема за гимназијата во Пустец,каде настава следат 30 ученици.
-Во заложбите да се обезбедат што подобри услови за успешен наставен процес за учениците во општина Пустец, продолжуваме со обезбедување донаци. Последната од многуте се состои од десеттина комплет компјутери, маси и столови, како и детски списанија на македонски јазик, изјави за МИА, Никола Ѓурѓај претседател на друштвото „Илинден“.
Додава дека донацијата ќе биде предадена на управата на гимназијата „Трајан Ѓорѓиовски и Митре Колевски“ каде ќе биде распределена според потребите на учениците со цел тие да добијат поквалитетна настава на часовите по информатика.
Најави дека согласно потребите на учениците во иднина ќе се продолжи со донирање ИТ опрема за учениците во областа Мала Преспа.
Деновиве друштвото во соработка со Центарот за информативна поддршка – Нов Контакт – Македонија, од Скопје донираше училишен материјал за гимназијата во Пустец, деветолетката „Отпорот на Горичаните”во Долна Горица,како и првачињата во селата Туминец, Шулин и Пустец.
Истата се состоеше во македонска литература и граматика, лектири од македонски автори, букварки, боенки за помладите, македонски приказни, училишни ранци, пластични моливи, фломастери, тетратки, географски карти, читанки по македонски јазик и други училишни помагала. вт/ац/