
Владата на 13 октомври го утврдила предлогот за измени на Законот за Фондот за осигурување на депозити, со кој се уредува кога средствата наменети за обесштетување на штедачите може да се користат и во постапка за решавање банка. Седумнаесет дена подоцна, на 30 октомври, Народната банка на Србија ѝ ја одзела дозволата за работа на „АЛТА банка“ АД Белград пишува 4news.mk
Четврти ден Министерството за финансии не одговара на прашањата на 4news.mk дали при подготовката на измените биле земени предвид состојбите во белградската или во битолската банка, зошто предлогот бил утврден токму во тој период и дали се разгледува користење средства од фондовите во евентуална постапка за „АЛТА банка“ АД Битола. Во образложението Владата наведува дека целта е усогласување со Законот за решавање банки. Во предлогот не се споменува ниту една од двете банки.
Предлогот предвидува Фондот за осигурување на депозити да управува со два посебни фонда. Фондот за заштита на депозити служи за обесштетување на штедачите за покриените депозити кога ќе се исполнат законските услови за исплата. Фондот за решавање банки е наменет за финансирање на мерките во постапка за решавање банка. За предлогот се поднесени 18 амандмани, а амандманската расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет е закажана за 18 ноември.
За штедачите е важен членот 10 од предлогот. Тој предвидува дека и средствата од Фондот за заштита на депозити може по исклучок да се користат во постапка за решавање банка. Условите се утврдени во членот 79 од Законот за решавање банки. Ако штедачите и натаму имаат пристап до своите депозити, Народната банка може да наложи Фондот да покрие дел од загубите. Износот е ограничен на загубата што Фондот би ја претрпел во стечај на банката и на најмногу 50 отсто од законски пропишаното ниво на неговите средства.
Постапката за решавање банка може да овозможи клучните банкарски услуги да продолжат и кога банката веќе не може самостојно да работи. Една од можностите е депозитите да се пренесат во друга банка, преку која штедачите би можеле да располагаат со пренесените средства. Според членот 19, Народната банка може да отвори таква постапка ако истовремено утврди дека банката не може или веројатно нема да може да продолжи да работи, дека други мерки во разумен рок не би го спречиле тоа и дека постапката е од јавен интерес.
За „АЛТА банка“ АД Битола, Народната банка на 1 ноември воведе привремена администрација поради околности што можат сериозно да ја загрозат солвентноста на банката. За отворање постапка за решавање е потребна посебна одлука на Народната банка. До објавувањето на текстот на 4news.mk остана отворено прашањето дали надлежните разгледуваат таква постапка и користење средства од фондовите за битолската банка.



